Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државава се намалува, активни се 451 случај, од кои 16 во Охрид, а вакцинацијата, според надлежните, се одвива непречено во сите пунктови.

Во текот на вчерашниот ден пристигнаа 30.000 вакцини „Синовак“, како донација од Турција. Тие, како што најави ресорниот министер Венко Филипче, во најбрз рок ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови во државата.

Од МЗ истакнуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Досега вкупно 444.898 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата „vakcinacija.mk“.

Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 35 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

OhridNews