Во последните 24 часа се направени 1618 тестирања, а регистрирани се 88 нови случаи на ковид-19, од кои по 3 во Охрид и Струга, 45 во Скопје, 7 во Прилеп и Струмица…

Починати се 5 лица, пациент од Тетово (53г), од Гостивар (60г), од Прилеп (57г), од Струга (60г) и еден пациент од Битола (60г), информира Министерството за здравство.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 135 оздравени пациенти, 4 од Охрид.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека како и секаде во Европа, состојбата со коронавирусот се влошува и кај нас. Тој укажа на непочитување на мерките за заштита од Ковид 19 и најави заострување на контролите, а не ја исклучи и можноста од воведување нови, поостри мерки како задолжително носење на маска и на отворено. Се размислува и за намалување на капацитетот на јавиот превоз, но и намалување на бројот на маси во рестораните, корекција на дистанцата и протоколите за нивната работа, како и ограничување на број на лица за групирање воопшто, а ќе има и казни за семејни прослави.

Наша цел е да се избегнат рестрикции или мерки кои повторно би ја закочиле економијата и би не затвориле дома. Но, нема да дозволиме оние кои не ги почитуваат мерките да ги изложуваат на ризик критичните групи на граѓани и сите останати кои можат да бидат жртви на вирусот. Во следните денови ќе ги засилиме контролите за спроведување на мерките и протоколите кои се веќе на сила. Сите инспекторати и институции кои се задолжени за спроведување на мерките интензивно ќе работат. Апелирам состојбата да се разбере многу сериозно. – изјави на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Досега во земјата се направени вкупно 177.635 тестирања на ковид -19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 16867, бројката на оздравени пациенти е 14084, на починати е 705, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2078.

Г.М.