Бројот на згрижувачки семејства во Охрид и понатаму е мал. Изминативе десет години во процесот на згрижување се вклучени три семејства, а уште две покажале интерес.
Социјалните работници потенцираат дека станува збор за тежок и сложен процес во кој е потребна голема волја и љубов кон децата кои од различни причини останале без своите биолошки родители.
- И по згрижувањето на децата ние сме во постојан контакт со семејствата, вршиме контрола како тие се адаптираат во новото семејство, дали има проблеми, помагаме, советуваме, тука сме секогаш да помогнеме, вели Горан Поп Марков, дипломиран социјален работник од охридскиот Центар за социјална работа.
Со цел да се запознаат семејствата и се зголеми бројот на оние кои би згрижиле деца, денес во Охрид се одржа нова средба на која учествуваа претставници од училиштата во општината, од верските заедници, Црвен крст, Локалната самоуправа.
- Сакаме да ги опфатиме училиштата, затоа што има многу деца и родители со кои можат да стапат во контакт и се објасни суштината на згрижувањето. Има многу деца згрижени во различни институции и целта е да се зголеми бројот на оние кои ќе се згрижат од страна на семејства што е многу подобро, отколку во институција колку и да е добро организирана, додава Поп Марков.
Освен љубов кон децата, условите кои треба да ги исполнуваат потенцијалните згрижувачки семејства е да не се постари од 65 години, едниот член да е вработен, да немаат криминално досие. Се врши контакт со центарот и се поднесува барање, по што се врши проценка дали семејствата ги исполнуваат условите по што се носи одлука.
Од страна на државата, згрижувачките семејства добиваат месечен надомест од околу 9000 денари за згрижено дете.
Т.К.












