Бродот амбуланта, единствен од ваков вид во Македонија, ќе го опслужува спасувачки и медицински тим и капетан,. Тој денеска исплови во прва мисија на Охридското Езеро и според Сашо Точков, претседател на охридскиот Црвен крст, ќе придонесе за зголемување на безбедност на капачите и учесниците во водниот сообраќај, бидејќи ќе овозможи брз и ефикасен транспорт на повредени до соодветните медицински установи.
– Припадниците на единицата што ќе го опслужува овој брод се соодветно обучени и поседуваат лиценци за работа. Тие ќе бидат во постојана комуникација со спасувачките екипи на Црвениот крст на плажите на охридската и струшката ривиера, подготвени брзо да реагираат, истакна Точков, посочувајќи дека бродот амбуланта ќе биде логистичка поддршка на сите манифестации што ќе се одржуваат на Охридското Езеро.
Бродот на Црвениот крст бесплатно во период од две години го отстапил охриѓанецот Горан Пржинов, а локалната самоуправа и донатоти помогнале тој да биде соодветно опремен.
-Локалната самоуправа издвои 600.000 денари за опремување на бродот амбуланта, од што 300.000 веќе се префрлени на сметка на Црвениот крст, а останатите навреме ќе бидат донирани, истакна Душко Јаковчески, претседател на Советот. Тој истакна дела општината во координација со Црвениот крст ќе ги разгледа опциите на делување по истекот на договорот за користење на бродот амбуланта, а не се исклучува идејата да биде купен овој или друг пловен објект што трајно ќе се реши ова чувствително прашање.
Пуштањето во употреба на бродот амбуланта, според лекарите е од исклучителна важност, затоа што во битката за спасување живот времето е пресуден фактор.
– Посебно во летниот период кога знаеме каков е интензитетот на сообраќај во Охрид, изразито е битно времето и се надевам дека со ова амбулантно возило на вода побрзо ќе се транспортираат лица од крајбрежјето на кои им е потребна медицинска помош во здравствените установи, за што ќе треба добра синхронизација помеѓу инститиуциите. -изјави Д-р Горан Балески, кој ја вршеше обуката на медицинскиот тим, додека во делот на спасување своите искуства на волонтерите спасувачи на Црвениот крст им ги пренесе меѓународниот нуркачки иснтруктор Милутин Секулоски.
Бродот амбуланта поради тоа што Охрид сеуште нема Центар за безбедност на вода, ќе биде закотвен во каналот Студенчишта во близина на Хидробиолошкиот институт. Тоа во одредена мера ќе влијае на неговата мобилност заради големиот број пловни објекти во каналот, но од Црвениот крст се надеваат дека институциите на локално и државно ниво ќе ги решат овие значајни безбедносни прашања и дека во блиска иднина Центарот за безбедност на вода ќе профункционира со целосен капацитет.