Целосно автоматизирано пловило ќе го испитува квалитетот на водата во Охридското Езеро. Тоа е дел од светски најморедерната опрема која ја доби Хидробиолошкиот институт од Охрид, благодарение на трансграничниот проект за мониторинг на водните ресурси, што оваа научна институција во изминатите неколку месеци го реализираше во соработка со Универзитетот „Аристотел“ од Грција.
Новата софистицирана опрема денеска беше презентирана на градското пристаниште во Охрид во присуство на претставници на општата болница, „Проаква“, научни работници и стручни лица од релевантни институции од Охрид.
-Опремата што ја демонстриравме претставува врвна технологија и ние сме среќни што ја поседуваме. Новата опрема ќе овозможи квалитетна контрола на сите води во Република Македонија, со што е можно повеќе податоци, изјави Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт – Охрид.
Џорџ Залидис од Универзитетот „Аристотел“ од Солун и претседател на Балканскиот центар за животна средина, истакна дека оваа опрема овозможува прецизна анализа на квалитетот на водите.
-Апаратурата обезбедува анализи на квалитетот на водата, нејзините билошко – хемиски својства, присуство на фосфати, нитрати, односно сите нејзини состојки и информации кои се корисни за човекот, за тоа каква вода пиеме, или во каква вода ловиме риба и.т.н., рече Залидис.
Овој проект кој е реализиран со средства од ЕУ преку проект за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција.
Г.М.