Веста за изборот на Горан Устијаноски за раководител на Капетанијата на пристаништа во Охрид, охридските бродари ја примија со големо задоволство. Сметаат дека тој како долгогодишен капетан на брод го има потребното искуство да раководи со Капетанијата и да ги решава проблемите во водниот сообраќај, за што се залагаше како претседател на Здружението на бродари.

-Една радосна вест за нас бродарите, бидејќи Капетанијата конечно ќе добие раководител. Се работи за компетентна личност која ги познава проблемите на бродарите, вели Зоран Гилески, сопственик на два брода и  член на Здружението на бродари.


Зоран Гилески

Тој очекува дека бродарите ќе имаат добра соработка со новиот раководител на Капетанијата и дека ефикасно ќе се решаваат приоритетните прашања.

-Приоритет е да се продлабочат пристаништата во Охрид и Св. Наум, да се подобри инфраструктурата на пристаништата и да се одреди локација за вршење технички преглед на бродовите, рече Гилески.


Устијаноски во моментов е надвор од државата и се очекува по враќањето во земјата да даде изјава за медиумите.

Покрај честитки, на негова адреса се упатуваат и критики, кои се однесуваат на звањето кој тој треба да го носи како раководно лице на Капетанијата. Главната забелешка е дека и покрај познавањето на состојбите во внатрешната пловидба и искуството во пловење со брод, тој нема соодветни стручни квалификации за да ја носи титулата Капетан на Капетанијата, односно може да биде само раководител на институцијата. За охридските бродари, пак, ваквата забелешка е ирелевантна, бидејќи, според нив, Устијаноски е вистински избор и е личност која има капацитет и знаење одговорно да раководи со Капетанијата.


 
Владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, образложувајќи ја одлуката, вчера, истакна дека новиот раководител на Капетанијата на пристаништата во Охрид има соодветни квалификации.

-Владата го прифати предлогот на Министерството за транспорт и врски, и одлучи да именува нов капетан на капетанијата во Охрид. Нов капетан на Капетанијата во Охрид ќе биде Горан Устијановски од Охрид, кој има долгогодишно искуство во оваа област.Има дипломирано на Факултетот за туризам и угостителство. Има положен испит за звање бродовозач во внатрешна пловидба, и положен испит за звање морнар. Актуелен претседател на Здружението на бродари и посади на брод, и долгогодишен капетан на бродот Галеб.-изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Раководното место во охридската Капетанија беше празно речиси четири месеци, по разрешувањето на Љупчо Настоски, кој претходно ја вршеше оваа функција.

Г. Момироски