Инженерот и иноватор Горан Анѓелковиќ, истакна дека во светот се повеќе се користат обновливите извори на енергија, а примената на оваа технологија во замена на моторите на внатрешно согорување на Охридското Езеро, ќе придонесе за поголема заштита на еко системот, а пловните објекти ќе пловат поекономично и поисплатливо.
-Целиот возен парк е стар и тој ќе мора да се менува. Зошто тоа да го правиме два пати кога може еднаш и со технологија која секако ќе биде иднина, рече Анѓелковиќ.
Според него еден брод на соларна енергија за 60 патници би чинел околу 80.000 евра и верува дека бродарите имаат економски интерес да ја применат соларната енергија како погон на движење.
-Апсолутно е исплатлив ваквиот брод затоа што загуби речиси и не постојат. Не е исто кога бродот ви плови за Св. Наум со само 5 до 10 патници со мотор на внатрешно согорување или на соларна енергија, посочува инженерот Анѓелковиќ.
Што се однесува до кајчињата и помалите пловни објекти, Анќелковиќ смета дека во замената на пентите и моторите ќе треба да помогне државата.
Од Министерството за животна средина велат дека Македонија вложува во развој на обновливите извори на енергија, и дека меѓу приоритетите е и замената на старите моторите на пловните објекти кои ја загадуваат животната средина.
-Поддршката на државата е сеопфатна. Замената на моторите со внатрешно согорување со еколошки во светот оди со крупни чекори напред и што побрзо оваа технологија дојде кај нас и ја прифатиме, тоа подобро за нас, истакна заменик министерот за животна средина Стево Темелковски.
Идејата за замена на моторите со внтарешно согорување со погон на соларна енергија, ја поздравија екологистите и спортските риболовци.