Во традиционалниот термин од 20 до 28 јули и годинава, во Трпејца под покровителство на Општина Охрид ќе се одржи културно – забавната манифестација „На зајдисонце“. Организаторот здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ најавува богата програма со која се очекува да го привлече вниманието на туристите и мештаните.

Манифестацијата во четврток, во 20.30 часот ќе биде отворена со изложбата на слики од Наташа Попоска– Карче од Охрид,која е  д-р стоматолог, но од неодамна другарува со светот на боите. Трпејчани и гостите ќе се запознаат со нејзините слики работени во техниката масло на платно–пејзажи, инспирирани од Охрид и Езерото. Изложбата е насловена .„Допри ме, како што ме допира сонцето“.

Чинот на свеченото отворање ќе биде збогатен со мини концертот на познатиот Горан Папаз кој е активен соло саксофонист и поранешен член на групата Суперхикс. Следната вечер, во петок ќе се одржи концерт на ученици од ОМУ „Методи Патче“ под ведро небо – насловен „Со кајче по езерото“. Младите виртуози ќе свират во кајчињата осветлени од факели и фенери, а од брегот на езерото и од кафеаните гостите ќе уживаат во неповторливата глетка и изведба.  Истата вечер претставник на НП „Галичица“ од Охрид  ќе  одржи презентацијата под наслов: „Галичица на дофат“ преку која ќе биде доближано севкупното богатство на Националниот парк.

Следните денови  активисти на НВО „Опција“ од Охрид ќе одржат трибина на тема: „Зависности од модерното време.“ Во Трпејца  концерт ќе одржи и КУД „Ѓердан“ од Охрид а културно забавната манифестација ќе биде збогатена со проекцијата на два извонредни документарци: ТАНЦОТ СО ПАСТРМКИТЕ – НЦ „Амфора“ снимен по сценарио и режија на  Милутин Секулоски – Охрид и ЧИСТА ВОДА дело на  Мунлајт Продукција и Делегеација на ЕУ во Македонија . По сценарио на Јана Коцевска и во режија на  Димитар Сеизов Во Трпејца ќе гостува и актерката Марија Новак која е дел од ансамблот на МНТ во Скопје.  На летната сцена кај Бунарот ќе се претстават ГРАДСКИ ХОР „VOX Lychnidos“ и Петар Кочоски- хармоника. Дирегент и уметнички раководител на хорот е проф. Бурим Хидри. Традиционално  – по шести пат ќе настапи ансамблот „Билјана“.

Во забавниот дел манифестацијата „На зајдисонце – 2017“ се стандардните содржини: Учиме англиски, Фаќање риба на јадица, Учиме да пливаме, Учиме шах, Цртаме на зајдисонце, заедничкиот излет на гостите и домаќините по патеката Чоколско и  кајакарската регата „Номче Митрески“.

Сите настани се бесплатни, а според организаторите тие се поддржани од бројни фирми и кафеаните во Трпејца.

OhridNews