Униформи за учениците, нови компјутери, кабини за пресоблекување за часовите по физичко образование, се само дел од новините со која започна новата учебна 2011/ 2012  во ОСУ Св. Климент Охридски.

По иницијатива на Советот на родители  и едногласно одобрување од Наставничкиот совет  при охридската гимназија беше донесена одлука да се воведат униформи за средношколците од овој училишен центар.

Со средства од локалната самоуправа беа изградени нови кабини за пресоблекување за часовите по часовите по физичко образование, кои се многу поголеми и посовремени, а спортската сала од годинава располага и со нова опрема за вежбање.

– Нови 17 копјутери со целосна  компјутерска опрема се купени со средства на гимназијата и се пуштени во употреба  од почетокот на учебната година . Големата заинтересираност на учениците за информатичката технологија беше причината за оваа вредна инвестиција на опшинското средно училиште, вели Жаклина Лазареска, професор по информатика.

Како што информираат од средното училиште, меѓу годинешните новини во наставата е и обновувањето на инвентарот на лабораториите по хемија и биологија, што допринело до  почесто практикување на кабинетска настава преку која учениците стекнуваат и практично искуство, а не само теоретско знаење.

Од охридската гимназија најавуваат дека новините во наставата ќе продолжат и во идниот период, се со цел стимулирање на талентираните ученици кои учат во ова училиште и ги има во се’ поголем број.

OhridNews