Во првите шест месеци од 2013 година на аеродромите во Република Македонија е забележано зголемување на бројот на превезени патници, споредено со истиот период во 2012 година, информираат од министерството за транспорт и врски.

Во овој период на охридскиот аеродром  „Св. Апостол Павле“ , евидентирани се 25.405 патници на терминалот, што претставува 5.4% повеќе од 24.114 патници кои биле регистрирани во истиот временски интервал минатата година.

На „ Св. Апостол Павле“, во првото полугодие од 2013, споредено со истиот период во 2012, забележан е пораст и во бројот на движења на воздухоплови за 8.9%, како и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 72,1%.

Во првите шест месеци од 2013 година, на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје се регистрирани 443.601 патници на терминалот, што претставува 18.7% повеќе од минатата година, кога биле регистрирани 373.692 патници. На аеродромот е зголемен и бројот на движења на воздухоплови за 8.7%, а забележано е и зголемување на обемот на карго и поштенски сообраќај за 12.7% во однос на истиот период од шест месеци минатата година.

Во делот на застапеност на дестинациите, според бројот на патници на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, 19.2% од вкупниот број на патници во овие шест месеци патувале до Истанбул, 10.6% до Цирих, 10.4 до Виена, 6.5% до Лондон, 5.6% до Љубљана, 5.1% до Базел, 5% до Загреб, а помалку од 5% до дестинациите Малме, Белград, Дортмунд, Минхен, Ајндховен, Дизелдорф, Милано, Дубаи и други.

OhridNews