Бројот на заболени од сезонски грип во општина Охрид од ден во ден е се поголем. Според податоците од Центарот за јавно здравје, во текот на последната недела од 2016, односно од 26 до 31 декември регистрирани биле 259 заболени граѓани, што значи драстично зголемување во однос на претходната седмица, од 19 до 25 декември, кога биле евидентирани 97 лица.

– Претходно имаше околу 6 пријавени случаи во текот на седмицата, но во последните две недели се бележи постојан пораст, велат од центарот.

Највеќе погодени од сезонскиот грип се лицата на возраст од 20 до 59 годишна возраст. Официјални податоци за бројот на заболени деца од сезонски грип до центарот за јавно здравје, засега, не се испратени од страна на матичните лекари. Кај најмладите чести се и други видови вируси.

Од страна на Центарот во охридските градинки веќе е извршена темелна превентивна дезинфекција, а на вработените им се дадени препораки за секојдневно вршење дополнителна дезинфекција на подот од просториите и играчките. Дезинфекција е извршена и во јавните здравствени установи, а во наредните денови е предвидено да се изврши и во училиштата во општината.

Грипот се манифестира со висока температура, недостаток на енергија, болки во телото, кашлање, и трае околу шест дена.

Препораките се доколку се почуствуваат симптоми на грип веднаш да се посети матичен лекар, да се пијат топли напитоци и да се избегнуваат простории посетени од повеќе луѓе.

OhridNews