Брзиот интернет ќе го креира идниот развој на светот, сметаат членовите на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој, која вчера заседаваше во Охрид. Целта  е информациите да патуваат брзо и непречено на целата планета, за што според нив ќе придонесат новите комуникациски технологии.
-Широкопојасниот интернет е сегашност, а мобилниот широкопојасен интернет е иднина. Сите заедно треба да овозможиме пристап до информации на секој жител на планетата, да може да користи, креира и споделува информации, односно да создадеме информатичко општество кое ќе се темели на знаење, изјави Хамадун Туре – генерален секретар на Комисијата за широкопојасен интернет.

Највлијателниот член на Комисијата, актуелниот копретседавач и најбогат човек на светот, Карлос Слим, истакна дека  развојот на информативно-комуникациските технологии ќе отвори нови работни места, посочувајќи дека компаниите и државите треба да се подготват за новото време.
-Информатичката технологија брзо се развива и компаниите мора да се прилагодуваат на новото време. Широкопојасниот интернет ќе креира нови работни места, а интерес од развојот на новите технологии ќе имаат и локални компании кои работат на изработка на разни апликации кои можат да најдат секојдневна примена, од бизнисот до политиката, истакна Карлос Слим – копретседатевач со Комисијата за широкопојасен интернет.
Македонската влада на состанокот во Охрид  претстави дел од проектите за развој на информатичкото општество кои според најавите ќе бидат ставени на агендата на Меѓународната комисија за широкопојасен интернет. Очекувањата се дека  вложувањата во новите технологии ќе доведат до економски раст. 
-Светска банка одамна  укажува  дека доколку за 10 проценти се зголеми инфраструктурата на интернет провајдерите, растот на БДП во тој регион би се зголемил за 1,8 проценти, рече министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
На 5-от состанок на Комисијата за широкопојасен интернет на кој учествуваа претставници на највлијателните држави и компании во телекомуникацискиот бизнис, фокусот бил ставен на претстојниот Самит на 20-те најразвиени држави во светот, на кој ќе се дискутира за значењето на широкопојасниот интернет и дигиталениот развој. Учесниците граделе став и за претстојниот Самит „Рио 20 плус“ што во јуни ќе се одржи во Рио де Жаниеро, на тема одржлив резвој на ИТ и заштитата на животната средина. Важноста на тоа прашање произлегува од проценките дека преку зголемување на ефикасноста и оптимизација на процесите во ИТ можат да го намалат користењето на фосилните горива и до 15 проценти.
OhridNews.