1,3 милијарди денари изнесува буџетот на Општина Охрид за 2023 година. Советниците денес со 15 гласа за, четири воздржани и еден против го изгласаа буџетот на одржаната седница на Совет.

Претходно беа разгледани осумте амандмани кои беа предложени од страна на советничката група на СДСМ и коалицијата, а образложени од страна на советничката Живка Ангелоска. Амандманите се однесуваа на доделување еднократна парична помош на семејства со дете со тешка пореченост во школска возраст кое не е примател на стипендија од Општина Охрид во износ од 300 илјади денари, обезбедување на финансиски средства за креирање еко катче во училишните дворови на основните училишта од Општина Охрид, како и амандмани кои се однесуваат на инфраструктурни активности меѓу низ за реконструкција на атмосферската канализација на ул. „Васил Стефкоски“, изградба на атмосферска канализација на улиците „Вангел Николоски“, „Први Мај“, „Александар Гушо“…, како и атмосферска канализација на улиците „Васил Главинов“ и „Крсте Мисирков“.

Образложението за поднесување на овие амандмани е апелот од граѓаните за реконструкција на атмосферската канализација. Шестиот амандман се однесува на реконструкција на локален пат до селото Орман, седмиот амандман е реконструкција на крак од „Сирма Војвода“, додека последниот за реконструкција на улицата „Винковачка“. Образложение за овие амандмани е фактичката состојба и напорот на граѓаните за подобрување на инфраструктурата во населените места, истакна Ангелоска.

Освен првиот амандман другите беа одбиени со образложение дека за еко катче средствата кои се бараат од Програмата за заштита на животната средина биле веќе потрошени, а во однос на инфраструктурните амандмани образложение даде секретарот на Општина Охрид, Александар Китески кој истакна дека за атмосферска канализација на улицата „Васил Стефоски“ со износот на бараните средства предвидена е изградба на пристапни патишта и санација на мрежи и дефекти.

За четвртиот амандман во тек е изготвување на проектната докумантација за овие улици, додека амандманот пет се одбива бидејќи износот кој се наведува дека може да се искористи е предвиден за исплата на обврски и минати долгови. Амандаманот шест, исто така, се одбива бидејќи со постојан договор и тендер предвидена е санација која ќе биде завршена до август. Амандманот седум се одбива зошто износот предвиден за ова би значело неможност на уредувањето на градежни земјишта на субјектите кои платиле комуналии, а со истото образложение се одбива и последниот, рече Китески.

Советничката Ангелоска истакна дека ако се направи една паралела во однос на Нацрт буџетот и Предлог буџетот има намалување во однос на Нацртот од околу 14 милиони денари, напоменувајќи за сите ветени големи проекти кои не нашле место во 2023 година, за што вели се очекува реализација на проектите од Ohrid Go.

Има корекција во однос на средставата за таксата за привремен престој кои се зголемени и се надевам ќе биде отсликана реалната ситуација во однос на туристичката сезона и целата година. Споредбено со Нацрт програмите видно е намалување во сите. Очекував дека ќе има нови активности и нови проекти во предлог програмите на што ме наведуваа отворените денови со граѓаните. Меѓутоа не најдов ниту една нова активност која треба да произлезе од средбите со граѓаните во самиот буџет, што наведува на тоа дека најверојатно бил само претставен буџетот, а не било дискутирано за одредени измени и промени. Би била задоволна сите овие проекти и активности кои се планирани во буџетот првично да бидат реализирани, со надеж дека нема да се преслика ситуацијата од минатата година кога со ребаланс буџетот ќе го сведиме само на проектите кои ќе се бројат на рака, рече Ангелоска.

Советникот Перчо Божиновски истакна дека Општина Охрид за првпат креираше буџетот во соработка со граѓаните преку отвореност и транспарентност слушајќи ги идеите, проектите и предлозите на охриѓани со цел подобрување на животниот стандард.

Парите од буџетот се од граѓаните и исто како оваа година тие разумно и праведно ќе се трошат токму за граѓаните и за инвестиции кои обезбедуваат поквалитетн живот. Вкупните приходи на Општина Охрид предвидени за 2023 година по сите основи изнесуваат 1,3 милијарди денари. Буџетот за следната 2023 е со повисоки средства и зголемен акцент на културата, образованието, туризмот, спортот, уредување на градежно земјиште, изградба и реконструкција на улици и патишта, пречиститрелни станици, јавната чистота, паркови и зеленило. Овој буџет е развоен, реален, со поддршка на граѓаните и буџет кој обезбедува економска стабилност, креиран од народот за народ, рече Божиновски.

Со средства од буџетот предвиден е редизајн на општинската страна, односно поставување на туристичко – информативен портал каде ќе биде овозможена културна промоција на целото култуно-историско наследство, визуелна верификација, повеќе средства во Програмата за спорт и рекреација, поголема поддршка на спортските клубови, организација на Охридскиот пливачи маратон, како и организирање на Фестивал на водени спортови, истакна Божиновски, напоменувајќи дека се става посебен акцент на Програмата за култура потенцирајќи дека Охрид и изминатата, но и следната ќе го носи епитетот „Град на културата“, преку почит, негување, заштита и промоција на македонското фолклорно културно наследство и промоција на културно -историските и културни убавини, како и меѓународна промоција на Охрид.

Издавање на книги и поддршка на тоа што треба да значи Охрид и заштита на македонскиот јазик, култура и идентитет. Изградба на патека на заслужни граѓани на Охрид, а со тоа да се даде почит и негување на вредностите. Продолжува проектот „Нашите првачиња“- паричен надоместок за секое прваче, како и одредени инфраструктурни зафати за основните и средни училишта. Продолжува и стипендирањето на редовни ученици, студенти, магистранти и докторанти на лица со ретки болести и посебни потреби, поддршка на невладините организации. Исто така, продолжува реализацијата и на инфраструктурни проекти меѓу нив реконструкција на улиците „Ѓорче Петров“ и „Ариф Мустафа“, во населбата Гоце Делчев, краците на улицата „Ристо Чадо“, на дел од „Сатеска“, „Мирче Ацев“, „Марко Цепенков“, изградба на атмосферска канализациона мрежа на улиците „7-ми Ноември“ и „Петрино“, како и на улична патна мрежа во руралните средини, додаде Божиновски.

На денешната седница советниците со одредени забелешки и дискусии на опозиционерите ги изгласаа и зголемените цени на услугите на ЈП Градски гробишта, како и отстапување на простор во Касарната за времено користење од старна за ЈП Нискоградба. Беа усвоени и 16 точки од урбанистичката сфера кои се однесуваат на легализацијата на бесправно изградените објекти

Н.С.Ј.