Иако Советот на Општина Охрид, минатата година усвои Акционен план за справување со штетна бучава, со кој требаше да се надмине долгогодишниот проблем со преголемата бучава во Охрид, викенд-забавите со гласна музика во кафетериите, ноќните клубови и во рестораните низ градот се уште предизвикуваат несоница кај граѓаните што живеат во нивна близина.

Од Комуналниот инспекторат при Општина Охрид велат дека постојано се вршат мерења на бучавата и се поднесуваат пријави за угостителски објекти кои ја надминуваат дозволената граница на бучавата, но  ретки се сопствениците на угостителски објекти кои плаќаат глоба за извршенито прекршок. Според нив главен проблем за недисциплината кај прекршителите е тоа што комисијата при Министерството за животна средина и просторно планирање многу тешко покренува  прекршочна постапка.


Според Законот, дозволената јачина на звук е од 50 до 55 децибели, а во сите угостителски објекти во Охрид таа просечно се движи од 85 до 95 децибели. Тоа значи дека јачината на звукот речиси секаде е двојно поголема од дозволената. Мерењата на бучавата се спроведуваат за време на викендите во временски период после 22 и 23 часот навечер. Врз основа на тие мерења, ние му изрекуваме глоба на сопственикот што го направил прекршокот. Ако тој не ја плати казната во рок од осум дена, ние поднесуваме барање за поведување постапка пред комисијата при Министерството за животна средина, која е надлежна да поднесе прекршочна пријава, велат од  Комуналниот инспекторат при Општина Охрид.

Оттаму објаснуваат дека голем проблем претставуваат и дозволите за работа, односно лиценците на угостителските објекти, кои сами и по потреба вршат пренамена на дејноста.

-Угостителските објекти најчесто не ги исполнуваат основните градежни и технички норми што се неопходни за нормално работење, како што се регистрирани. Неопходно е од страна на органите на Министерството за економија да се изврши ревидирање на решенијата, дозволите и на лиценците на сите угостителски објекти,  сметаат комуналните инспектори.

Тие појаснуваат дека во интерес на надминување на проблемот со бучавоста во идина ќе треба да се бараат Б-интегрални дозволи за работа. Тоа значи дека сите угостителски објекти ќе треба да изготват комплетна техничка документација според која инспекцијата ќе констатира дали тој објект е изграден и усогласен со сите законски прописи.

OhridNews