Ова го изјави поранешниот претседател на СДСМ Владо Бучковски во интервју на Радио Слободна Европа во врска со критиките што ги упатува во последно време за функционирањето на најголемата опозициска партија.
„Дефинитивно јас како поранешен претседател на СДСМ чувствувам одговорност за она што го гледам и слушам како состојба во партијата и затоа мислам дека со оваа моја серија анализи се обидувам да помогнам на СДСМ да функционира поинаку“, вели Бучковски.
Тој негира дека целта на неговите критики е да го изложи лидерот на партијата Бранко Црвенковски на тапет за тоа што се случува во моментов во партијата, туку да се создаде атмосфера за победа во наредните избори.
„Црвенковски е најодговорен да создаде ситуација каде што неговото заминување, што очигледно мора да се случи порано или подоцна, нема да претставува потоп и нема да биде создадена атмосфера дека единствено тој е оној кој може да го победи Груевски и ВМРО ДПМНЕ туку тој мора да создаде систем која ќе биде сигурна гаранција дека на идните парламентарни избори СДСМ може да го победи ВМРО ДПМНЕ“, рече Бучковски.
Според него, времето ќе покаже дека демократизација за која, тој денес говори, ќе мора да се случи порано или подоцна и ќе биде реалност во СДСМ.
Јас не претендирам Црвенковски да биде сменет на недемократски начин, но ако е сигурен во поддршката на членството, сметам дека негов најголем интерес би било тој да е промотор на идејата за непосредни демократски избори, уште повеќе што по дефиниција политичките партии се реформираат кога се во опозиција, изјави Бучковски.
Иако е свесен дека таквата идеја нема да има поддршка кај раководството на партијата, Бучковски е уверен дека идејата би добила поддршка кај поширокото членство и симпатизерите на партијата.
„Јас ова го правам затоа што сум свесен дека во овие околности начинот на кој владее Никола Груевски е штетен за Македонија, комоцијата која сега тој ја има е поради тоа што опозицијата не е на она ниво на кое треба да биде една опозиција во држава каде што е загрозена демократијата, каде што не владее правото и каде што е загрозена слободата на медиумите “, смета Бучковски.
извор: „Макфакс“