Во присуство на бројни љубители на пишаниот збор, пријатели , викендов во скопското кафуле „ Цреша“  се одржа промоција на првата издадена збирка поезија „ Будење во трето лице еднина“ од  охриѓанката Долорес  Атанасова- Д.А. Лори.

Стиховите одекнаа, го допреа секој од присутните  – поттикнаа насмевки, солзи,многу чувства, пред се среќа што се дел од прекрасниот настан.

Од издавањето на дел од песните во книготеката на Букбокс, па се до понудата од „ Блесок“ и издавањето на книгата од страна на „ Блесок“, времето го мерам со коментари од луѓето кои ја читале мојата поезија, пофалби, реагирање со молчење(не знам што тие мислат, тие што ми молчат), прашања. Промоцијата  беше собир на прекрасни луѓе кои ги познавам или ги запознав вечерта и на сите им сум бескрајно благодарна. Книгата има вредност ако е читана и ако тоа што е прочитано им се допаѓа на луѓето, за да го пренесаат истото на други, и да се шири кругот. Се надевам дека ќе ја читаат, искрено, вели Д.А. Лори .

Што сме,што ќе бидеме

Во мракот, светлина.
Во морето, река.
На планината, висина.
На бездната, излезот.
Ништо никаде не запира.

Не запираат ни пишаните зборови на Д.А.Лори која порачува дека има и ќе има уште нејзини стихови и книги .

Долорес Атанасова работи како професор по англиски јазик во Скопје. Дел од нејзината поезија е објавена во Читанка и во Букбокс, делот на off.net.mk за литература.  

Т.К.