Бугарската потпретседателка Илијана Јотова изјавила дека повеќе нема да потпишува декрети за стекнување на бугарско државјанство, се додека специјална комисија од експерти не ја потврди вистинитоста на доставените документи за бугарско потекло на барателите. Според истражувањата кои деновиве беа објавени во бугарските медиуми, властите во земјата им дале бугарско државјанство на 114 лица кои се барани од страна на Интерпол. Истрагата на телевизијата БНТ ги следи каналите по кои лицата кои се декларираат како Бугари добиваат документи и на тој начин ја избегнуваат правдата во своите земји.

Уште во 2014-та година проверките на бугарското врховно административно обвинителство утврдиле нарушувања во Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ), од каде биле издавани документи за бугарско државјанство без сертификати, а преку кои се докажува дека тие се Бугари. За време на истрагата биле пронајдени  фалсификувани документи, а наодите на ова обвинителството биле потврдени и минатата година, пишуваат бугарските медиуми.

Истрагата покажува дека лица од различни земји во Министерството за правда претставиле сертификати со бугарско потекло, издадени од Државната агенција за Бугарите во странство, која е под контрола од кадарот од партијата ВМРО-БНД. На овој начин, странските државјани само декларираат дека имаат бугарско самосвест и прикажуваат уверение од некаква невладина организација во странска држава, во која пишува дека барателот имал барем еден роднина Бугарин. Стотици странци добиле државјанство на тој начин, вклучувајќи и криминалци, а според документи на меѓународните безбедносни служби голем број Македонци и Албанци зеле државјанство токму во момент кога биле барани од страна на Интерпол или веќе имале пресуди, се вели во телевизискиот прилог на БНТ.

Според податоците на бугарското министерството за правда, за последните 15 години вкупно 116.222 странци добиле бугарско државјанство, при што повеќе од половина, околу 60 илјади лица се Македонци, потоа 30 илјади се од Молдавија, шест илјади се Украинци, а 5.400 се Срби. По нив следуваат Русите (5.194 лица и Израелците (3.840 лица). Бројот на Албанци кои добиле бугарско државјанство во последните 15 години изнесува 2.192, додека пак 622 Турци исто така станале бугарски државјани.

OhridNews
извор Макфакс