Соработката помеѓу Центарот за лица со аутизам во Охрид „Во мојот свет“ и бугарската амбасада во Македонија продолжува на највисоко ниво. Амбасадата од Бугарија донираше 30 пакети со храна кои Центарот во Охрид ќе ги распредели во семејствата каде има член со аутизам.

Оваа донација е специјална за семејствата кои имаат член со аутизам. Знаеме низ каков период поминуваат и затоа сакаме малку да помогнеме. Ние често комуницираме со двата центри и секогаш помагаме кога е потребно и колку што можеме. Следната донација ќе биде за центрите кои се грижат за дечињата заболени од рак. – изјави бугарскиот амбасадор, Ангел Ангелов.

Потпретседателот на Здружението на граѓани „ВО МОЈОТ СВЕТ“, Весна Стојаноска се заблагодари за поддршката до бугарската амбасада и рече дека Центарот во Охрид од 1 јули кога е реотворен работи непречено, со почитување на сите мерки и протоколи.

Многу сум среќна за новата донација и соработка со бугарската амбасада. Во центарот нема нешто што недостасува. Имаме потребни материјали за работа, кадар кој го задржавме и покрај кризата поради вирусот ковид -19. Моментално имаме 30 деца со третман цела година, инаку вкупниот број на деца за кои се грижиме изнесува 60. – рече Стојаноска.

Таа апелираше до Општина Охрид за реализација на проектот со кој треба да се направат скали кои ќе водат директно до центарот.

Поминуваме низ „детското оддоление“ од болницата што не е најдобро во овие моменти. Ние добивме ветување за изградба на скали, кои ни се неопходни за функционирање. Не знам до каде е процедурата, но се надевам дека ќе биде што е можно побрзо. – изјави Стојаноска.

Вториот регионален центар во Охрид кој е во склоп на охридската Општа болница е отворен минатата година во декември месец.

OhridNews