Во врска со изградбата на нов хотел во Лагадин, како и во врска со добиените мислења и согласностите од страна на НУ Завод и Музеј – Охрид, се огласи и оваа национална установа. Како што велат од таму, за да не се создава забуна кај пошироката јавност.
Од Завод и музеј- Охрид појаснуваат дека пред изработката на општиот акт за село Лагадин од нив било побарано мислење за евентуално постоење на заштитени или евидентирани споменички добра како и постоење на евидентирани или заштитени археолошки локалитети.
– НУ Завод и Музеј – Охрид врз основа на своите надлежности како и врз основа на документацијата која ја поседува констатира дека на предметниот простор не постојат заштитени или евидентирани споменички добра како и заштитени или евидентирани археолошки локалитети, вели директорката Тања Паскали Бунташеска.
Бунташеска додава дека според горенаведеното произлегува дека НУ Завод и Музеј – Охрид нема надлежност да изработи Заштитно конзерваторски основи за изработка на општ акт за село Лагадин, ниту пак има било каква надлежност при ревизијата на проектната документација за предметниот објект и издавањето на потребното одобрение за градење. Односно надлежностите на НУ Завод и Музеј – Охрид завршуваат со констатацијата дека на предметниот простор не постојат заштитени или евидентирани споменички добра или археолошки локалитети.
OhridNews