Измешани емоции ја следеа денешната јавна расправа за нацрт- плановите за Табана и Ривиера. Како што истакнаа бројните присутни граѓани, при изработката на едно урбанистичко решение треба да се пристапи со голема одговорност, затоа што не се одлучува само за објекти, туку за човечки судбини.

Кога се зборува за изготвувањето на нацрт планот за овој дел од Охрид треба да се поаѓа од интересот на градот, а не личните интереси. Наша должност како граѓани, а и професионална должност ни е да го заштитиме и зачуваме Охрид во рамки на она што бил низ вековите. Тоа не значи дека треба градот да се конзервира, но сепак урбанизацијата да биде умерена и не на штета на градот. При тоа, да се води грижа дека со преголемата урбанизација и агресивни градежни работи се менува и  климата, потенцира дипломираниот архитект Маридеја Петрова.


За бројните забелешки и поплаки на граѓаните, градоначалникот Александар Петрески одговорноста ја префрли на Завод и музеј, кој е обрзан при подготвувањето на урбанистичките решенија кои се однесуваат за централното градско подрачје да изготви конзерваторски основи. 


 – Оваа јавна дебата се организира со цел да се чуе мислењето на граѓаните, а стручната јавност да ги слушне нивните барања. Планот во нацрт верзија ќе оди согласно изготвените основи на Завод и музеј чии сугестии и препораки, ние како Локална самоуправа, во целост ќе ги прифатиме, вели Петрески.


Од Завод и музеј пак потенцираат дека не е испочитувана меѓуинституционалната расправа и дека преппораките дадени од страна на Завод и музеј парцијално се применуваат. 

Во одредени сегменти се врши манипулација со граѓаните. Надлежните во локалната самоуправа за идеите кои сакаат да ги протуркаат ги користат конзерваторските основи. Онаму пак каде основите не се совпаѓаат со нивните планови, воопшто не ги спомнуваат, велат од Завод и музеј.

Т. К.