Предлог Одлука за изменување и дополнување на Буџетот на општина Охрид, отвори бурна расправа на денешната седница на советот. Советниците на опозицијата во неколку наврати реагираа дека со кратењето на средствата нема да се рализираат многу зацртани планови во рамки на годишните програми.

-Како и минатата така и оваа година, оваа власт не успеа да го исполни буџетот и имаме потфрлување на приходната страна за 21% од вкупно планираниот буџет. Сето тоа со едноставни зборови кажано значи дека имаме 21% помал потенцијал да се остварат оние зацртани програми во поглед на образованието, комуналните дејности, инфраструктурата, спортот, културата и сите останати сфери на работење и живеење во овој град. Жално е што многу работи кои сме ги предвиделе нема да може да бидат реализирани, рече Јован Стојаноски, координатор на советничката група на СДСМ.

Тој реагираше дека неприфатливо е што расправата за ребалансот на буџетот минува без присуството на градоначалникот на општина Охрид, Никола Бакрачески.

Секретарот на општината Димитар Спасески рече дека измените на буџетот се прават во согласност со законската регулатива, а отсуството на градоначалникот било оправдано.

-Она што можам да го кажам за буџетот на општина Охрид е тоа дека буџетот е стабилен. Од приходната страна на буџетот сме апсолутно задоволни во секоја смисла. Имаме потфарлање на две стапки, како што знаете подолго време надоместокот за уредување на градежно земјиште не ги дава посакуваните резултати, а другото најголемо намалување е прилично од техничка природа затоа што во делот на прилив на кредити беа планирани средствата од Светска банка кои сеуште ги немаме добиено. Денес градоначалникот Никола Бакрачески го потпишува договорот со Светска банка во Скопје, а по потпишување на договорот ќе следи и објавување на тендерска постапка, но формално-правен влез на средства нема да има на сметка до 31 декември оваа година и овие средства во буџетот ќе пристигнат во 2015 година, појасни Спасески.

На денешната седница на Советот на општина Охрид беа прифатени и кварталните извештаи за работењето на јавните претпријатија, а беа изгласани и измените на неколку развојни програми за оваа и за периодот од 2014 до 2016 година. Исто така во рамки на седницата беше усвоено и дополнувањето на Статутот на општина Охрид, оперативната Програма за организирање и функционирање на зимската служба на подрачјето на град Охрид и низа урбанистички точки.

OhridNews