Реализацијата на буџетот на Општина Охрид за првите три месеци од годината предизвика бурна расправа, на која советниците од опозицијата со став дека голем дел од програмите имаат слаба реализација. Од друга страна, пак, од владејачкото мнозинство велат солидна е реализацијата на буџетот и тековните активности од програмите.

Се додека немаме јасни показатели колку средства од жиро сметката на општината се одземени по основ на извршни решенија кон доверители ние неможеме да имаме јасни показатели колку Општината успеала во реализација на буџетот односно немаме јасни показатели за степенот на успешност на програмите, рече координаторката на советничката група на СДСМ, Живка Ангелоска.

Доколку се погледне извештајот од реализацијата на остварувањето на расходите во буџетот ќе забележиме дека реализацијата е околу 25% што е солидно за еден прв квартал, но незнаеме колкав е уделот на средствата одземени од жиро сметката на Општината, за да знаеме колку Општината била успешна. Ако направиме анализа на структурата во самите програми ќе забележиме дека во голем дел од програмите е реализирано малку, но има и програми во кои не е реализирано ништо, рече Ангелоска.

Истакна дека Општина Охрид за капитални инвестиции во основното образование во првите три месеци обезбедила повеќе но, потрошила помалку средства, потенцирајќи ја и реализацијата на проектот Ohrid Go, како и реализацијата на Програмата за уредување на градежно земјиште за која вели како причина се наведени постапките за јавни набавки и временските прилики. Побара објаснување во однос на исплатата на стипендиите за учениците во основно и средно образование како и за активностите во Гимназијата и дали во текот на летниот период ќе започне реконструкција на внатрешноста на објектот.

Димитар Спасески, претставник од Секторот за образование, истакна дека извештајот е приказ на состојбите и исплатени се шест стипендии на ученици, по што следеше ребаланс на буџетот, по кој Советот одобри поголеми средства.

Состојбата која ќе ја видите во текот на вториот квартал е дека ги исплативме сите стипендии со вкупните средства. Имаме 100% реализација на активноста. Во однос на програмата за капитални инвестиции во образованието се работи за тригодишен период и не може да се оценува само првото тримесечје, активностите се веќе започнати и се тековни. Во Гимназијата се работи согласно предвидениот буџетски тек, верувам дека во текот на летото ќе успееме да ја завршиме активноста за партерно уредување и оградата и дополнително од ЈП „Нискоградба“ ќе бидат реализирани активности за поставување атмосферска канализација и ќе биде извршена дренажа околу целиот објект. Во однос на активности за самиот објект повторно со преработени проекти деновиве ќе се аплицира во Министерството за транспорт и врски за да се добие одобрение за реконструкцијата. Планот е активностите да отпочнат во 2023 година согласно средствата, а да завршат до 31.12.2024 година, додаде Спасески.

Советникот Ванчо Костоски упати прашање во однос на изработката на урбанистички планови за селата, за кој рече пред повеќе од една година е упатен налог за изработка.

Но, според моите информации оваа реализација е многу бавна односно дури и за голем дел од селата не се ни отпочнати. Знам дека е пообемна работа, но прашувам бидејќи индустриската зона каде се сместени странски компании требаше да биде издвоена. Сега фирмата „Костал“ чека изработка на план за да може да ја прошири својата инвестиција. Апел што побрзо да се заврши овој план. И реализација на Програмите за туризам и локален економски развој немаме и незнам во што е проблемот да се направат барем основните услови за почеток на проектот за Адреналинскиот парк, памп траката…, рече Костоски.

Претставникот од општинската служба, Ирена Спасеска истакна дека во текот на првиот квартал во однос на реализацијата на обврските по однос на проектот „Ohrid Go“ бил поднесен годишен извештај за сработеното во изминатиот период по однос на кој биле доставени забелешки од страна на делегацијата на Европската комисија, а за кои Општина Охрид се произнела и понатамошната реализација на активностите ќе продолжи по усвојувањето на годишниот извештај.

Во меѓувреме во однос на реализацијата на проектот од страна на партнерите беше склучено дополнување на анекс на договорот. Во моментов завршена е постапка и избран е изведувач за изработка на Студија за искористување на просторот. Би требало активностите да почнат во текот на оваа година, бидејќи проектираните цени при аплицирањето не соодветствуваат со пазарните услови во моментов потребно е ажурирање на цените за предвидените активности и по нивно одобрување од делегацијата на Европската комисија, што би значело и ревидиран буџетот, ќе се започне со реализација. До тој момент активностите не може да започнат, рече Спасеска.

Од Секторот за урбанизам потенцираа дека во однос на изработка на урбанистичките планови во моментов се води постапка за урбанизација на 18 села, бидејќи за дел од постапката потребни се и хидролошки студии кои веќе се порачани. Што се однесува за стопанствениците во индустриската зона во финална фаза се на договарање да се издвои делот на индустриската зона како можност да не се кочи работата за самата зона, да се изработи урбанистички проект, додека се работи хидролошката студија, да може нивната фаза да е понапредна за да можат побрзо да ги реализираат стопанските работи.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМЕ, Перчо Божиновски, пак, потенцираше дека според извештаите Општина Охрид заклучно со првиот квартал остварила вкупен приход од 27% од вкупно проектираните приходи, додека оставрувањата на приходите од основниот буџет е 27,34% од планираниот.

Ова покажува дека реализацијата се движи во процент поголем од идеалните рамки. Споредбено со низа години наназад во овој период можеме да кажеме дека е на задоволително високо ниво и тоа можеме да го поткрепиме со прикажаното остварување споредбено со 2022, односно дека е повисоко за 52% остварувањето во овој период во споредба со минатата година и остварувањето на вкупните буџетски трошоци е поголемо за 52% од остварувањата во наведениот период во 2022 година. Кога ќе ги разгледаме програмите пооделно во однос на процентуалната реализација можеме да заклучиме дека има доста програми со реализација над 50% и речиси 50%. Минатата година процентот на реализација на програмите бил 17%, а оваа година е 24%. Реализацијата квартална на буџетот е во насока на задоволување на потребите на граѓаните за решавање на нивните инфраструктурни, образовни, културни, комунални и други потреби, додаде Божиновски.

Н.С.Ј.