Во согласност со својата дејност и надлежности за вршење на континуиран здравствено-еколошки надзор, охридскиот Центар за јавно здравје, од 13 до 26 мај, изврши земање и физичко-хемиска и микробиолошка анализа на примероци на површинска вода од источниот, северниот и западниот крајбрежен дел на Охридското езеро, од 32 мерни места од „Св. Наум” до струшкото село Радожда.

  • Комплетните анализи на квалитетот на водата во крајбрежниот дел на Охридското езеро од македонска страна, беа изврени во лабораториите на Центар за јавно здравје Охрид, а резултатите од физичко-хемиската и микробиолошка анализа на земените примероци на површинска вода покажуваат дека водата во крајбрежниот дел, односно делот кој се користи за капење и рекреација на Охридското езеро, од македонска страна, во втората половина на мај 2020, припаѓа на прва и втора класа, односно е оценета како ОДЛИЧНА. Според тоа и согласно Уредбата за класификација на водите, водата во крајбрежниот дел на Охридското езеро од македонска страна е погодна за капење, спорт и рекреација, информираат од центарот.

Оттаму, додаваат дека во наредниот период ќе бидат земени и анализирани примероци на вода од реките што се вливаат во Охридското езеро од македонска страна.

Центар за јавно здравје Охрид, континуирано, во текот на целата летна сезона ќе ја следи состојбата со квалитетот на површинската вода во Охридското езеро и навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста за резултатите од извршените анализи.

OhridNews