Од вкупно 240 илјади ученици кои се со физичко присуство во моментов во државата, активни случаи на ковид од почетокот на учебната година се 0,2 проценти. Во текот на вчерашниот ден дијагностицирани се нови 50 ученици позитивни на ковид, односно 0,02 проценти, рече денеска министерката за образование и наука, Мила Царовска во одговор на новинарско прашање.

Министерката посочи дека обврската е континуирано да се почитуваат протоколите, за училиштата да останат безбедни и да продолжат со физичко присуство.

Сите ние сме сведоци на континуирана трансмисија во целиот конктекст во кој што ние живееме во општетсвото. Училиштата не се надвор од нашето општество ниту надвор од нашите локални заедници. Наша обврска е да да ги почитуваме протоколите доследно и да правиме се училиштата да останат безбедни и да продолжат со физичко присуство, рече Царовска денеска при посетата на централното основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров.

Таа напомена дека доколку се појави каква и да е потреба или аларм од епидемиолошката служба или од Комисијата за заразни болести, Министерството е подготвено директно да се префрли на следен модел кој ќе биде препорачан, а трите модели се донесени и утврдени од Влада во соработка со Комисија за заразни болести.

Прашана колку ученици во моментов се во изолација министерката посочи дека како министер не е надлежна да зборува за бројка на изолирани, но информираше дека во основното образование околу 2 отсто од учениците следат онлајн настава, а во средно образование, околу 7 проценти.

Министерството за образование и наука не издава решенија за изолација. Токму затоа јас како министер не можам да комуницирам бројка на изолирани. Можам да кажам дека во основно образование процентот на ученици кои се со онлајн учење е 2 проценти од различни причини, медицински и немедицински, додека во средно образование, затоа што знаете дека четири општини одеа со онлајн учење во првата недела, сега и втората недела во Тетово и Гостивар останува со онлајн учење, токму затоа имаме околу 7 проценти ученици во средно образование, рече Царовска.

Таа потсети дека учениците во Струга и Кичево од минатата недела се вратија со физичко присуство, и тие се во континуитет со наставата.

OhridNews