Република Северна Македонија во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на лажни вести и дезинформации, и на сознанијата дека дел од дезинформациите биле споделувани и од териториите на други држави, истакна министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, на конститутивниот состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата, што се одржа на иницијатива на Владата, а на кој присуствуваше целокупниот државен врв.

Оваа акциска група ќе служи исклучиво за координација на активностите на државните институции и ќе биде на располагање за континуирана координација со останатите чинители на општеството кои даваат свој придонес или имаат водечка улога во борбата со дезинформациите. – рече министерот Поповски

Според премиерот Зоран Заев пропагандата, дезинформацијата и „лажните вести“ имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат говор на омраза и насилство, и конечно, да ги поткопаат демократиите и да ја намалат довербата во демократските вредности. Тој укажа дека нашата земја не е надвор од овие глобални закани, и дека во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со масовно ширење на дезинформации, како на социјалните мрежи, така и на традиционалните медиуми. Ја посочи кампањата со дезинформации и лажни вести поврзани со договорот помеѓу Северна Македонија и Грција како одличен пример какви ефекти сакаа да постигнат манипулациите и дезинформациите.

Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата ја иницираше подготовката на Предлог акциски план за борба против дезинформации и напади на демократијата. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните на нашата земја и да ја браниме и унапредуваме демократијата. Со овој настан започнуваме нова фаза во нашиот организиран пристап во справувањето со нападите на центрите за дезинформации и лажни вести врз демократијата во нашата земја. – рече Заев.

Конститутивната седница на Акциската група за координација на институционалниот дел од борбата против дезинформациите е еден од првите поголеми чекори кои ги преземаме, додаде премиерот. Најави дека во октомври ќе следат серија консултации со граѓанските организации, со новинарскиот еснаф, со медиумските организации, со факт чекерите, со граѓаните, со сите кои сакаат да се вклучат и со сите кои веќе предводат иницијативи против дезинформациите.

Премиерот Заев потенцираше дека поткопувањето на владеењето на правото и политичката стабилност, како цел на дезинформациите и лажните вести, меѓу другото, влијае и на работата на медиумите, и го оцени како исклучително значаен и придонесот на медиумите, медиумските и граѓанските организации, новинарите и граѓаните, кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата.

Во насока на обезбедување услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија. Секој придонес треба да се гледа како дел од една широка акција за креирање, покрај План за справување со дезинформациите и нападите врз демократијата на системско ниво кој се однесува исклучиво за работите кои ги опфаќаат Владините и другите државни институции. – нагласи Заев.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека оваа ницијатива е знак дека оваа негативна појава, односно дезинформирањето поттикна потреба од преземање на оваа конкретна акција.

Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, пак, истакна дека преку овој процес, и нашата земја се приклучува кон иницијативите кои веќе се имплементираат во десетина од најразвиените држави во светот, и на тој начин ја презема одговорноста за јакнењето на внатрешната демократија, но, и на демократијата во глобални рамки.

На состанокот беше истакнато дека безбедносните мерки што ќе се преземат по прашањето на лажните вести и дезинформациите на оваа акциска група се однесуваат исклучиво на работата Владата и другите државни институции. Истовремено, Владата ќе ги прифати и активно ќе учествува во сите слични иницијативи организирани од релевантни организации кои ќе се вклучат во подготовката на одлучна акција против ширење дезинформации, информираат од Владата.

OhridNews
фото: влада.мк