Се зголемува цената за паркинг на кајчињата кај каналот за склучени годишни договори, додека шестмесечните договори останува со истата цена. Ценовникот на услуги на ЈП „Билјанини извори“, како и менување на статутот за услугите и отстапување на користење на паркинг простори од Општината на ЈП изгласани на денешната седница на совет.
Советничката од СДСМ, Живка Ангелоска истакна дека доколку се работи за меѓусебен договорот меѓу ЈП „Охридски Комуналец“ и ЈП „Билјанини извори“ за преземање на услугата за пајак службата е во ред, но Советот има удел во ваквите работи, особено што ЈП „Охридски Комуналец“ веќе години ги врши тие услуги. Од, друга страна, рече Ангелоска, сè уште не е набавено специјалното возило и немаме таква услуга е избрзано да се носи Одлука за ценовник за услуга за пајак служба.
Забелешката е дека не требаше да се зголеми цената на услугата за помалите пловни објекти, односно кајчињата коишто вршат јавен превоз, затоа што тие се најпогодени во моментот. Овој приход во вкупниот буџет не сметам дека е значително потребен и ќе ги смени работите, но навистина за физичките лица, сопственици на кајчињата навистина ќе им значи, особено ако се има предвид дека со самиот развој на помодерните пловни објекти, услугата од нив се помалку се бара. Токму поради тоа, во текот на минатата година и беа субвенционирани пловните објекти. Сега е навистина малку несоодветно од една страна минатата година субвенционираме, а сега ја зголемуваме цената, па доколку постои можност да се изврши измена во однос на овие пловни објекти со тоа што ќе ја вратиме цената или ќе ја оставиме каква што беше, рече Ангелоска.

Во однос за кајчињата, цената на поскапување е за годишните договорите. Се работи за приближно 10 кајчиња. Цената за шест месеци останува иста и сите имаат договор за 6 месеци, никој нема годишен договор. Годишните договори ги зголемивме соодветно на цената за 6 месеци која изнесува 4000 ден, за една година е 8000 денари. Кајчарите воопшто не се погодени од оваа цена бидејќи немаат годишни договори. Во однос на излегување во пресрет на кајчарите, ние можеме на целиот простор кај каналот да бидат паркирани глисери. Регистрирани пловни објекти во Капетанија има 3000, а ние стопанисуваме со 150 паркинг места во каналот, од кои 30% се определени за кајчари, 30% за катамарани и 30% за глисери. Ако го гледавме само финансискиот дел ќе паркиравме само глисери и ќе извадевме многу повеќе средства, потенцираше директорот.
Цените на паркинг услугите, истакна, не се изменети и покрај лошата финансиска ситуацијата на ЈП со зголемување на трошоците во однос на струјата и зголемување на минималната плата.
На седницата беше дискутирано и за преземањето на услугата за пајак служба на ЈП „Билјанини извори“ од ЈП „Охридски Комуналец“, за што на седницата од страна на опозициските советници беше нагласено дека ќе има дуплирање на истата служба во двете претпријатија, а забелешка имаше и во однос на цената за оваа услуга во однос на тоа дека се носи ценовник пред да се стави во функција давањето на услугата.
Постојано зборуваме услугите на ЈП да бидат насочени кон својата примарна дејност стопанисување со спортските терени и со подобрување на условите. Ако се видат финансиските извештаи јасно е дека само со оваа дејност ЈП нема да може да биде рентабилно. Но, со оглед дека веќе се повеќе се зголемува дејноста, не треба да се тргне од надлежност специјалното возило пајак од ЈП „Охридски Комуналец“, бидејќи е тешко дури и обврска да се работи со тоа возило. Апелирам да носиме одлуки тогаш кога сервисираме услуги. Не можеме да даваме ценовник и да го објавуваме кога во моментот кога се носи тој ценовник ние не ја даваме таа услуга. Во однос на ценовникот позитивно е што имате фиксни цени на услугите, рече Ангелоска.
Директорот на претпријатието истакна дека секаде во државава дејноста за пајак ја вршат претпријатија за градски паркинг и дека се во договор со ЈП „Охридски Комуналец“ да се откаже од таа дејност, за целосно истата да ја преземат.
Имаме поднесено барање до јавниот градски паркинг во Скопје за донација на возило кое ќе врши пајак служба и очекуваме позитивен одговор, со што ќе ја преземеме оваа должноста, додаде директорот.
На седницата беше донесена и Одлука за отстапување на три паркинг простори едниот зад општината на улица „Мите Богоески“, затворениот дел што го користи Општина Охрид, а јавното претпријатие ќе го користи по 16 часот. Вториот паркинг простор на улицата „Серафин Китаноски“, додека третиот на регионалниот правец Охрид-Св. Наум просторот пред детското одморалиште. Беше потенцирано дека во и во иднина ќе треба да се отстапуваат паркинг простори од општината, бидејќи со наплатата се регулира и самото користење на паркингот и сообраќајот во тие делови.
Н.С.Ј.













