Ширачите на лажни вести или наменски основаните портали треба да бидат надвор од кругот на компаниите за рекламирање. Тешко оди, рекетот се уште функционира, но нашата заложба е тоа да го направиме толку гласно и јасно, што ќе функционира како закон на релевантните вести. Дајте ја поддршката за да си помогнеме, рече претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски на втората регионална конференција за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан ,,СОЗДАВАЊЕ ОТПОР КОН ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ”.

Ние го направивме македонскиот регистар пред година и половина. Сличен модел пред 6 месеци, на европско ниво промовираше репортери без граници, една од најрелевантните светски организации за медиуми и новинарство. Тоа е доволен показател дека во оваа сфера ние мораме да ги одвоиме професионалните од непрофесионалите медиуми и на публиката тоа јасно да им го предочиме, затоа тука ни треба поддршка од бизнисот и политиката, рече Чадиковски.

Додаде дека ова можеби не е единствениот модел, но е единствениот за кој има општ консензус и во домашната и во меѓународната новинарска заедница, потенцирајќи дека на сите ни е јасно дека професионалното новинарство чини пари.

Во услови кога пазарот е мал а комерцијалните рекламери не го препознаваат тоа и странските фондови се стеснуваат треба да се размислува за модел преку кој ќе се поддржи професионалното новинарство а со тоа и да се стимулираат содржини во интерес на јавноста. Во исто време да се обезбедат услови преку даночни олеснувања пред се на придонесите на вработените во медиумската индустрија, да се овозможи повеќе пари за професионализација на редакциите, истакна Чадиковски.

Регионалната конференција беше организирана од страна на Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми.

OhridNews