Рекорден број новинари и медиумски работници беа присутни на годишното Изборно собрание на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на кое се гласаше за нов Претседател на Здружението и за нови членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и Советот на чест при ЗНМ.

Присутни во салата беа околу 500-тини новинари и медиумски работници, од кои регистрирани со право на глас беа 487 новинари.

За Претседател на ЗНМ е избран Младен Чадиковски со 275 гласови, Марјан Николовски освои 119 и Фиљана Кока 53 гласови, а неважечки ливчиња беа 11 од вкупно 458 гласа.

Направивме еден собир, да речам, најголем во историјата на македонското новинарство, каде што повеќе од 450 новинари, сниматели, медиумски работници, дојдоа демократски на фер начин да си го искажат своето мислење за тоа каде треба да се движи новинарството понатаму. Пораката е многу силна, но освен што е ветер во грб е и голема одговорност за новото раководство на ЗНМ да не потклекнат во ниеден момент во битката за новинарските права и слободи, истакна Чадиковски.

 

Тој нагласи дека новинарите мораат да работат за граѓаните на начин што тоа ќе значи во основа да ги почитуваат сите оние стандарди и принципи.

Меѓутоа и не само тоа, се разбира и понатаму да продолжиме со фокус на граѓаните на сето она што се нивни проблеми. Зошто, затоа што само така подобро ќе влијаеме за да ги подобориме состојбите во ова општество. Продолжуваме посилно, подобро да работиме во наредниот период, порача Чадиковски.
.

Додаде дека сите идеи од колегите, новинарите од медиумските работници се добредојдени. ЗНМ, подвлече, е отворено за сите, и ќе остане така и понатаму.

Нема веќе поделби на ваши и наши, продолжуваме и понатаму да ги чуваме стандардите на професијата, а во истовреме да им помагаме на новинарите, снимателите и останатите медиумски работници во секој поглед, дали е тоа во правен поглед, дали е тоа во професијата, дали се соочени со цензура, автоцензура или со други проблеми коишто можат да влијаат врз нивната уредувачка политика, ние сме тука за да бидеме грб за сите новинари бидејќи само така можеме да продолжиме понатаму. – рече Чадиковски.

Фокус на раководството на ЗНМ ќе биде формирање на Фонд за медиумски проекти со цел да се зголеми квалитетот на новинарски продукти и воопштио на новинарството, а воедно да се подобри економската состојба на медиумите и медиумските работници. Во тој контекст акцент ќе биде ставен на локалните медиуми.

Сметаме дека проблемите во медиумите во внатрешноста се позначајни од оние во Скопје. Иако делат многу заеднички проблеми, меѓутоа новинарството во внтарешноста е обременто и со економски проблеми што значи дека фокусот понатаму треба да биде ставен на локалните медиуми и подобрување на економската ситуација. –  изјави за Охридњуз Чадиковски.

На Собранието ЗНМ избра нов состав на управниот и надзорниот одбор и на Советот на честа.

За членови на Управен одбор се избрани:
Анета Блажевска
Аслан Вишко
Сенат Зулбеари
Трајче Илиевски
Мишко Иванов
Маја Јовановска
Петар Клинчарски
Искра Опетчевска
Среќко Поповски
Ристо Тасев

За членови на Надзорен одбор се избрани:
Мефаил Исмаили
Роберт Коцев
Сеад Ризвановиќ
Горан Симоновски
Миомир Серафиновиќ

За членови на Совет на честа се избрани:
Саше Димовски
Огнен Јаневски
Мира Костиќ
Емилија Мисирлиевски
Игор Стефановски

Годишното редовно Изборно собрание беше најпосетениот новинарски настан во Македонија каде што на демократски и фер начин, новинарите и медиумските работници го искажаа своето мислење за иднината на новинарството во која ќе продолжат да се имплементираат и понатаму принципите на професионалното новинарство.

Г.M.
Фото: МИА/OhridNews