Единаесеттото издание на Меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“ ќе биде отворено вечерва со претставата „Маски“ во предворјето на црквата Света Софија со почеток во 20:30 часот. Претставата е во авторство и режија на Емилија Блажеска, Јованка Сион-Доленц, Весна Терзиоска и Даниел Наумоски, а во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.

Во четиридневната програма на „Вдиши театар“, во периодот од денес до 13 јуни, својот актерски талент, умешност и креативност низ 5 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 40 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Црвен крст Суботица, Црвен крст Ужице, Црвен крст Крагуевац, Србија и Црвен крст Бар, Црна Гора.

Овој фестивал за нас не е само културен настан, туку простор каде младите зборуваат, создаваат, учат, се дружат и испраќаат пораки што вреди да се слушнат. „Вдиши театар” веќе единаесет години ја носи идејата дека театарот може да биде начин на поврзување, разбирање и хуманост, рече на денешната прес конференција Емилија Блажеска, волонтер во Црвен крст Охрид.

Претставите што ќе ги види публиката се создадени од млади волонтери, со многу труд, ентузијазам и љубов кон сцената. Во нив нема само глума, туку има пораки за другарство, разбирање, емпатија, храброст, младински предизвици и позитивни вредности. Токму затоа овој фестивал е важен – затоа што им дава глас на младите и им покажува дека нивната мисла, нивната креативност и нивната енергија имаат значење.

За Охрид, додаде, „Вдиши театар” е и едно културно освежување пред почетокот на големите летни културни случувања.

Пред „Охридско лето” нашиот град добива младинска театарска енергија, отворена сцена и порака дека културата не е само за професионалците, туку и за младите кои сакаат да создаваат. Ова е настан од нас за градот, од младите за публиката, од волонтерите за заедницата. Она што е особено важно е дека фестивалот се реализира со максимално искористување на нашите сопствени капацитети човечки, организациски, волонтерски и креативни. Во подготовките се вклучени млади луѓе, волонтери, ментори, соработници и пријатели на Црвениот крст. Токму тоа му дава посебна вредност на фестивалот, затоа што покажува дека кога има желба, тимска работа и добра идеја, може да се создаде настан кој го збогатува градот, истакна Блажеска.

Додаде дека со претставата „Маски“ сакале да покажат колку се носат маските секојдневно и колку истите понекогаш сметаат да се види тоа што другиот го носи.

На младите сакав да им дадам поттик да ги тргнат маските, да кажат кога им е тешко, да побараат помош, разговор. И ние возрасните да научиме да не ги тераме секогаш ајде напред, да сте најубави, најдобри… Со „Маски“ сакав да покажам колку и ние некогаш грешиме, а колку и на младиве им треба поддршка во овие дешешни, за жал тешеки времиња. Сакавме да дадеме критика на некои делови од општетството, но добронамерна, системот малку да запре и да им обрати внимание на овие млади луѓе кои секојдневно се борат со еден куп проблеми. „Маски“ е токму тоа, каде тие можат да си ги кажат своите проблеми и своите очекувања и од општеството во целост, посочи Блажеска.

Во претставата „Маски“ улогите се поделени на неколку млади лица кои играат ликови на генерација која живее како се да е во ред, а внатре е преплашена, осмена и уморна.

Климент Размоски го игра ликот на Алекс, лик за кој вели е многу ироничен, циничен и на прв поглед делува како сè да му е смешно. Но, всушност, неговата иронија е негова маска.

Тој се шегува затоа што така му е полесно да ја каже вистината. Алекс не верува многу во системот и во убавите зборови, затоа што гледа дека младите често се оставени сами на себе. Тој постојано го прекинува Кукларот затоа што не сака приказната да звучи лажно или премногу убаво. Мене ми е интересен затоа што преку хумор кажува многу сериозни работи. Овој лик ме научи дека зад секоја шега може да има болка. Да бидам дел од Црвен крст и од оваа програма за мене значи да бидам дел од нешто што не е само претстава, туку порака до младите дека не се сами, вели Размоски.

Ева Гиноска ја игра Лена, девојка која на почеток изгледа ладна, силна и недостижна, но зад тоа лице се крие некој што е уморен од тоа постојано да глуми дека е добро.

Лена не е безобразна, туку е повредена и не знае секогаш како да побара помош. Таа сака некој да ја слушне без веднаш да ја поправа, да ја осудува или да и кажува дека „ќе помине“. Мене овој лик ми е важен затоа што мислам дека многу млади понекогаш се чувствуваат како Лена. Сите ние некогаш носиме маска за да изгледаме посилни отколку што сме. Да бидам дел од оваа претстава за мене значи да кажам нешто важно преку театар, да кажам дека нам ни треба некој да нè слушне. А да бидам дел од Црвен крст значи да учам дека хуманоста не е само помош во тешки моменти, туку и слушање, разбирање и поддршка, додаде Гиноска.

Леа Шумоликоска ја игра Куклата, односно внатрешниот глас на Лена, која вели дека не е обична кукла, туку оној дел од Лена што ја знае вистината, дури и кога Лена не сака да ја каже гласно.

Куклата и помага да се соочи со себе си, со својот страв, со болката и со потребата конечно да биде искрена. Мене овој лик ми е посебен затоа што покажува дека понекогаш најтешкиот разговор е разговорот со себеси. Куклата не ја осудува Лена, туку ја води кон вистината. Таа покажува дека човек не е слаб кога ќе признае дека не е добро. Куклата и покажува на Лена дека во неа сè уште и живее мало радосно и весело девојче, само треба да го покаже. Да бидам дел од оваа претстава ми значи многу затоа што преку мојата улога учам колку е важно да се слушаме и себеси и другите, додаде Шумоликоска.

Анастасија Треноска го играм ликот на Кукларката, лик кој ја води приказната и ја отвора темата за маските што луѓето ги носат.

Кукларката зборува за младите, за нивните лица, за нивните стравови и за тишината што често никој не ја слуша, а од друга страна останува затворена во чаршиските муабети. Мене ми беше интересно да го играм овој лик затоа што од една страна зборува за младите и нивните тешкотии, а од друга страна цело време низ претставата се однесува како чаршиска камера која се гледа и се знае. Оваа улога ме научи дека понекогаш не е доволно само да гледаме што се случува, да кажуваме како треба да се однесуваме, туку треба и да реагираме и вистински да помагаме. Да бидам дел од Црвен крст и од „Вдиши театар” за мене значи да бидам дел од тим што создава нешто корисно, убаво и важно за младите и за градот, додаде Треноска.

Влезот за сите претстави во рамки на „Вдиши театар“ е слободен во насока на тоа културата да биде достапна за сите граѓани, за младите, за семејствата, за туристите и за сите што сакаат да поминат убава вечер со театар и позитивна енергија.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска