Специфичен сензибилитет, експресивност, како и волшебна интерпретација на дела за гитара донесе вчеравечер на „Охридско лето“ косовско-хрватскиот гитарист Петрит Чеку.

Посебен и свој, ненаметлив, младиот гитарист со овој концерт што се одржа во предворјето на црквата „Света Софија“ уште еднаш докажа дека со право го заслужува досегашниот епитет „солист со највисоки перформанси“.

Ова е еден од ретките концерти што ги имам за време на пандемијата. Целиот распоред ми е откажан и затоа многу ми значи настапот во Охрид. Ова е еден од трите мои концерти што ги одржав годинава. Овој фестивал многу значи за секој музички уметник и ужива високо реноме во светот на класичната музика, рече Чеку.

И програмата со која настапив на „Охридско лето“ на некој начин е поврзана со пандемијата. Годинава славиме 250 години од раѓањето на композиторот Лудвиг ван Бетовен а јас направив еден аранжман на неговата најлесна соната за клавир, „Соната фачиле“ бидејќи единствено таа беше соодветна за да се отсвири на гитара. Покрај неа, направив обработка на Моцартовата многу емотивна „Фантазија во d-moll“ што ја изведов пред овдешната публика. Оваа обработка ја работев во деновите кога се случи земјотресот во Загреб, и веројатно во таквата несреќа, утеха најдов во музиката на Моцарт и Бетовен. Покрај овие композиции донесов и една Бахова свита за виолинчело, обработена за гитара. Всушност Баховите шест свити прилагодени за гитара се мојот лајтмотив во животот и без нив не одам никаде, раскажа познатиот гитарист Петрит Чеку.

Во вториот дел од концертот во предворјето на црквата „Света Софија“, извонредниот гитарист ги изведе Шубертовите шест песни мајсторски обработени од композиторот и гитарист Јохан Каспар Мерц кој живеел во времето на Шуберт.

Публиката која покажа голем интерес за вчерашниот концерт за кој се бараше карта повеќе, уживаше и во праизведбата на „Омаж за Марко Ружџак“ од познатиот композитор и гитарист Горан Листеш.
Иако најголемиот дел од концертите на Чеку за годинава се откажани, младиот и скромен музичар од Призрен, од почетокот на пандемијата досега, освен што создал бројни аранжмани за гитара, го подготвува и неговиот нов репертоар.

Не го трошев залудно времето. Се занимавав со обработки за гитара. Направив многу аранжмани за гитари,а првпат за една гитара, зашто вообичаено правам обработки за трио и квартет. Времето го користев за да го вежбам новиот репертоар, а бев еден од првите уметници што одржа онлајн концерт, на 13 март. Сепак, онлајн изведбата и концерт во живо не е исто, и токму затоа ми посебно драго што сум овде, на „Охридско лето“, рече Чеку.

Петрит Чеку веќе 18 години живее во Загреб, а предава камерна музика за гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац. Иако концертира насекаде низ светот, како што кажа, секоја пригода ја користи да настапи и во родниот Призрен, а не ретко и со хуманитарни концерти што ја потврдува неговата човечка топлина и сесрдност.

OhridNews