Македонскиот туристички бисер Охрид е првата дестинација на актуелниот македонски ракометен првак Металург на патот кон Лигата на шампионите (ЛШ) во претстојната натпреварувачка сезона. Избраниците на хрватскиот стручњак Лино Червар со двојна доза тренинзи тргнуваат во нов поход, кон нови ракометни височини.


– Задоволен сум што дојдовме во Охрид, ова е преубав град, кој нуди одлични услови за подготовка. Сето она што ни треба, а пред сѐ спокојството, го имаме овде, а притоа не сме далеку од Скопје. Пред новата напорна сезона за нас, пред новите предизвици низ кои треба да минеме, дојдовме тука да се подготвиме, па потоа да заминеме на два турнира за да видиме што сѐ сме направиле и како сето тоа ќе изгледа на теренот – вели стратегот на скопјани Червар.

Како и лани, и годинава Металург ќе мора преку квалификациски турнир да избори пласман во главната фаза во ЛШ.

– За жал, ќе играме квалификациите за ЛШ. Одиме во Норвешка, каде што ќе играме против домаќинот Хаслум, тим што го елиминиравме лани во Израел. Но овој пат нема да се игра како лани, на неутрален терен, што за нас ќе биде голем предизвик. Сакаме позитивно да размислуваме пред овој турнир, па затоа и годинава одиме да избориме пласман во ЛШ и да го повториме ланскиот успех, кога Металург беше едно од најпријатните изненадувања на тој турнир, со пласманот во Топ 16. Но верувајте ми нема да биде лесно во Норвешка – констатира Червар.


Покрај квалификациите во ЛШ, главниот акцент Металург ќе го насочи на одбраната на титулата во домашното првенство, со што ќе продолжи неговата доминација.

– Ние трипати по ред го освојуваме шампионскиот пехар на Македонија, па моја желба е да го повториме и четврти пат. Две првенства освоивме без изгубен бод, а во три години загубивме само еден натпревар, што секако се бројки за респект. Особено што за противник имаме квалитетен тим како што е Вардар, кој јас многу го респектирам. Купот го загубивме, знаеме на каков начин, но јас не сум тренер што плаче. Кога би ги сумирале сите постигнувања лани, јас сум задоволен – истакнува Червар.

На подготовките во Охрид го нема само голманот Станиќ, кој со репрезентацијата на Србија настапуваше на ЛОИ во Лондон. Новајлии во клубот се Тихомир Додер и Милан Вучичевиќ, кои допрва ќе треба да ги задоволат апетите на хрватскиот стратег.


– Дамир Батиновиќ лани ја пропушти сезоната поради повреда, но сега е целосно закрепнат. Се засиливме со Тихомир Додер, но го загубивме Жарко Марковиќ, кој беше доста значаен играч за нас. За него најдовме замена во Милан Вучичевиќ. По овој прв период на подготовки, ќе имаме натпревари на турнирите во Струга и во Пореч, по што ќе добиеме појасна слика за неговите можности. Се надевам дека за 8 и 9 септември, кога се игра квалификацискиот турнир во ЛШ, сѐ ќе биде под конец – вели хрватскиот стратег.

Металург годинава ќе настапи на Струшкиот турнир, кој ќе го има своето 40. јубилејно издание, што секако е за поздравување.

– Мило ми е што ќе играме во Струга, град што има една исклучително добра ракометна традиција, од каде што потекнуваат многу ракометари, а и во мојот клуб ги има неколку. Со самиот настап, Металург сигурно дека ќе го издигне квалитетот на турнирот на повисоко ниво – смета Червар.

фото Емилио
М.П.