Македонската ракометна репрезентација на Мундијалот во Франција ќе добие ново лице, откако селекторот Лино Червар ги изостави староседелците во селекцијата Борко Ристовски и Ацо Јоноски.
Червар, на официјална пресконференција ги објави имињата и образложи зошто се пречкртани искусните репрезентативци.
– Го гледав Борко изминатите мечеви за Македонија и мислам дека емоционално е многу истрошен. Реков и претходно дека ако некој не се најде на списокот не значи дека е лош ракометар. Одлуката за изоставување нема ништо лично и јас целосно стојам зад неа. Што се однесува за Јоноски ќе ја менуваме концепцијата и играта во одбрана затоа и го изоставив. Тој исто како и Борко многу ја има задолжено оваа селекција. – изјави Червар.
Со учеството на Мундијалот во Франција, Македонија предводена од Червар на клупата ќе го започне олимпискиот циклус.
– Сите ние во стручниот штаб ќе бидиме задоволни, ако видиме напредок во играта, а ќе пробаме да создадеме нов стил. Ако не ни тргни како што треба нема потреба од силни критики, јас сум тој што прв ќе отстапи. Пласман во вториот круг на СП во Франција го сметам за успех. Јас ќе се вложам себеси, исто како во сите 40 години работа што го правам тоа, нема да бидам со најблиските за божиќните и новогодишните празници, но истото го сакам и од ракометарите. – истакна селекторот.
Подготовките за Мундијалот, „црвено жолтите“ ќе ги започнат на 20 декември, а во текот ќе одиграат три контролни средби со Босна и Херцеговина. Македонија во групата на СП во Франција се наоѓа со Тунис, Ангола, Шпанија, Словенија и Исланд.
Трајковски и Младеновски во поширокиот список на Червар за СП во Франција !
OhridNews