Поставени  7872 улични светилки, 105 нови рефлектори на историските споменици, 461 афтентичен фенер во стариот дел на градот-е она што досега во рамки на проектот за поставување ново осветлување во Охрид го има реализирано чешката фирма ИЦС Системи која во мај минатата година склучи договор со локалната самоуправа за јавно-приватно партнерство, според кој треба да се грижи за јавното осветлување во градот во наредните 15 години.

На денешната презентација на досега сработеното и она што ќе се реализира во наредниот период, претставниците од чешката фирма истакнаа дека осветлувањето е најсовремено, а во исто време и врши голема заштеда на енергија.

Овој сегмент претставува еден од круцијалните проекти на Општина Охрид. Ќе се постават и дополнителни нови 620 улични светилки. Јас сум навистина горд на реализацијата на овој голем проект, којшто на почеток кога ја поставивме идејата за реализација на проектот многу малку или ретко кој веруваше дека ваквиот комплексен проект ќе биде реализиран , но ете после една обемна подготовка или после период од две години, интензивно работење на сите потребни фактори , успеавме да го реализираме, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Според директорот на компанијата Либор Сладки, уникатноста на инвестицијата е во тоа што се замена осветлувањето на целата територија на општина Охрид.

Проектот претставува еден главен фундамент во осветлувањето на градот. Станува забор за доста штедливи светилки кои заштедуваат речиси 80% од електричната енергија. Исто така тие не влијаат штетно врз животната средина, изјави Либор Сладки.

Како што истакнаа од амбасадата на Чешка во Македонија, проект е добар импулс за понатамошна соработка помеѓу Чешка и Македонија.

Вкупната вредност на инвестицијата е 3.500.000 евра.

OhridNews