Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод почетокот на рамазанските пости, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман  Реџепи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.

„Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман  Реџепи,

Дозволете ми да Ви го честитам започнувањето на рамазанските пости, Вам, на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани – припадници на исламската вероисповед во Република Македонија, посакувајќи да ги поминете во мир, здравје и благосостојба, во духот и традицијата на вашата вера.

Возвишениот месец Рамазан е време на молитва, духовно прочистување, љубов и хуманост. Од изгрејсонце до зајдисонце, Вашата истрајност и посветеност на верата и молитвата се почитувани од сите граѓани и религиозни групи во Република Македонија. Верувам дека токму рамазанските пости ќе бидат инспирација за натамошно градење на мирна, демократска и просперитетна Република Македонија, во која соработката и соживотот се секојдневје и трајна вредност.

Во оваа пригода би сакал да ја потенцирам мојата увереност дека и во иднина, Исламската верска заедница ќе продолжи со својата активност да придонесува Република Македонија и понатаму да биде пример за заедничко живеење во мир и меѓусебно разбирање, и почитување на сите граѓани, без разлика на нивната етничка и верска припадност.

Од сè срце посакувам рамазанските пости да ви бидат исполнети со хармонија и со радост да го дочекате големиот празник Рамазан-бајрам.“-се вели во честитката на претседателот Иванов.

OhridNews