По повод празникот 11 Октомври, честитка до граѓаните на Република Македонија испрати претседателот Ѓорге Иванов.
„Нека ни е честит 11-ти Октомври, Денот на народното востание. На овој историски ден во 1941 со нападите на прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ врз полициската станица и затворот во Прилеп започна востанието против фашистичката окупација и беше најавена организираната народно ослободителна борба. Преку оваа борба нашиот народ на најдобар можен начин го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава. Токму со 11-ти октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција. Македонските граѓани знаеја да го изберат доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата и да застанат против фашизмот како едно од најголемите зла во човечката историја.“ – се вели во честитката на Иванов.
„Денес после 73 години не бледнее споменот на 11-ти октомври и на народно ослободителната борба, живо е сеќавањето на сите оние кои застанаа наспроти моќната фашистичка армада и го положија својот живот на олтарот на татковината. Победата беше извојувана со невиден хероизам, смелост, непоколебливост и саможртвување. Наследството кое ни го оставија македонските борци – слобода и мир нема да дозволиме никогаш да ни биде одземено и загрозено. На овој голем празник уште еднаш да се потсетиме дека Македонија, била, е и секогаш ќе биде на страната на прогресот, демократијата и слободата. Нека ни е честит и вековит 11-ти Октомври! Да живее Република Македонија!.“ – додава Иванов во својата честитка.
OhridNews