Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник – Богојавление Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан и до христијанските верници:

Ваше Блаженство,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, како и на сите православни верници во Република Македонија, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник – Богојавление Водици.

Македонија е земја во која традицијата живее и претставува извор на нашата сила и слога. Празнувањето на Богојавление Водици е сведоштво за длабочината и цврстината на нашата верба во заедништвото и силата на духот, покајанието и прочистувањето, добрината и љубовта помеѓу луѓето.

Денес, кога православните верници во Македонија го одбележуваат денот кога Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во водите на реката Јордан, се посветуваме на определбата да се живее согласно вековните морални начела, да се почитуваме и да се поддржуваме, да чекориме по патот на светлината и заемната доверба.

Традициите на нашите предци со себе ја носат тајната за среќен и продуктивен живот. Преку симболиката на чистината на водата и во спомен на крштевањето на Исус, овој голем празник нека биде за сите нас уште еден силен поттик да живееме во мир и слога, со искрени души и чиста мисла.

Се надевам дека денешниот светол празник на сите граѓани на Република Македонија ќе им донесе мир, спокој и семејна радост.

Нека е за многу години овој голем христијански празник – Богојавление Водици.-се вели во честитката на претседателот Иванов.

Инаку претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, празникот Водици ќе го прослави заедно со граѓаните на Охрид.

OhridNews