Денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.
Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија.
Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Денешниот голем празник е можност да се потсетиме на хероите кои ги дадоа своите животи за слободна, независна, но и за социјална, солидарна и демократска македонска држава. Нивните идеали беа сржта на најнапредните идеи од крајот на 19. век, од нив извираат и врз нив се темелат европските вредности, вградени во конститутивните документи на ЕУ, на коишто постојано повикувам, истакна во празничната честитка претседателката на државата Гордана Сиљаноска Давкова.
Чествувањето на 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба е потсетување на нашата обврска да го негуваме и продолжиме светото револуционерно дело преку грижата и заштитата на вечните хумани принципи. Кон нив, но и кон нашите наследници имаме обврска чесно, одговорно и посветено, да го продолжиме нивниот револуционерен пат, не со оружје, туку со револуционерен ум, револуционерно знаење и со револуционерни реформи. Ние немаме друга татковина, освен нивната, онаа на македонските револуционери. Должни сме да ја сочуваме и политички да ја вградиме таму каде што географски, историски и културно отсекогаш припаѓа – во Европа. Да продолжиме да си ја сакаме, развиваме и чуваме, но и да си ги почитуваме и негуваме темелите врз кои е изградена – правото, правдата, етиката, солидарноста и рамноправноста, порача Претседателката.
Денот на македонската револуционерна борба во земјата се одбележува со бројни свечености.
Г.М.












