Со низа активности чествувањата за Григор Прличев продолжија и денес. Во спомен куќата на Прличев се одржа културно–уметничка програма, на која беседа за Прличев одржа проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска. Пред присутните се обрати и градоначалникот Јован Стојаноски, кој упати честитки на годинашиот добитник на наградата за најдобра поема, Гордана Стојаноска.

– Шест децениското институционално чествување на македонскиот литературен великан, народен трибун и преродбеник, Григор Прличев, годинава е збогатено со уште една поема со која се продолжува традицијата на Прличевата „Сердарот“. И погледнете каква симболика. Ако Прличев преку „Сердарот“ ни ги остави во наследство нескршливиот слободарски дух, витешката борба и високите етички принципи, годинашниот лауреат ни ги дава „Клучевите“ кои нам како генерација и тоа како ни требаат за да можеме да ги отвориме вратите на иднината, како што впрочем тоа за нас го сторил Прличев. Наградата е достоинствен и високовреднуван дел од современата македонска книжевност, истакна Стојаноски.

Свеченоста беше збогатена со настап на хоровите од ОУ “Григор Прличев“ и ОСУ “Свети Климент Охридски“ и ансамблот “Климе Садило“. Ученичките Анастасија Стојаноска и Миа Грозданоска добија пофалници од градоначалникот Јован Стојаноски, за најдобри литератуни творби на конкурсот од ОУ “Григор Прличев“.

Во рамки на одбележувањето на 125 годишнината од смртта на Григор Прличев во националната установа што го носи името на поетот, беше промовирана книгата „Сага за Охрид“ од  новинарката Валентина Неловска.

Претходно, делегација на Општина Охрид предводена од градоначалникот Јован Стојаноски и претставници на институциите кои го носат неговото име, положија свежо цвеќе на гробот и пред бистите на поетот.

Свеченостите се заокружуваат вечерва со академија на ОУ “Григор Прличев“.

OhridNews