Ниските температури и студената вода од само 6 степени Целзиусови, не беа пречка неколку стотини млади да запливаат по чесниот крст кој традиционално се фрла во осветените води на Охридското Езеро за празникот Водици. Најсреќен и највешт помеѓу нив повторно беше варошанецот Иван Лотески, кој и минатата година прв доплива до крстот.

За безбедноста на капачите се грижеа спасувачки тимови во вода и на копно, кои интервенирале во 4 наврати. Две момчиња биле извлечени од студените езерски води бидејќи не можеле да пливаат, а двајца се здобиле со посекотини.

И годинава празнувањето на Водици во Охрид беше во организација на Дебарско-кичевската епархија и општината, без културно – забавна програма и пропратни манифестации. Церемонијата на градското пристаниште во Охрид ја следеа неколку илјади граѓани и гости.

Г.М.