На 17/18.10.2026 година, Одделот за криминалистичка полиција, во содејство со секторите за внатрешни работи и во координација со надлежните инспекциски служби, спроведе контроли во 66 угостителски објекти и казина, при што се утврдени низа неправилности.

При контролите, во еден објект е затекнато лице кое вршело дејност обезбедување без лиценца и легитимација, а во друг е нарушен јавниот ред и мир. Изречени се три глоби за прекршување на Законот за заштита од пушење. Едно лице е приведено поради одбивање да се легитимира, а три странски државјани поради нерегулиран престој во државата. Во еден објект се затекнати четири малолетни лица по 24:00 часот, а во два објекти е констатирано точење алкохол на малолетници, информираат од МВР.
Во рамки на активностите, ОВР Кичево извршил претрес на локација каде што незаконски се приредувале игри на среќа, при што биле затекнати две лица и одземени предмети поврзани со случајот. По целосно документирање, ќе следува соодветна пријава.
Во контролите учествувале и Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенцијата за храна и ветеринарство, чии служби утврдиле неправилности поврзани со непријавени работници, работење без потребни одобренија, неиздавање фискални сметки, нерегистрирана дејност, промет во девизи, како и недостатоци во хигиенските услови и противпожарната заштита. Притоа се преземени соодветни мерки и санкции, потенцираат од МВР.
Воедно, додаваат дека МВР продолжува со засилени и координирани контроли во угостителските објекти и казината, во соработка со надлежните институции, со цел откривање и санкционирање на незаконските дејствија, доследно почитување на законите и поголема безбедност на граѓаните.
OhridNews











