Охридските ракометари со победата над Работнички 31-28 (17-13) го одржаа стопостотниот ефект на домашен терен. “Гладијаторите“ со маестрална игра во нападот стигнаа до шестата победа на деветтиот меч сезонава.

Охриѓани долго време ја бараа играта во одбрана додека нападот функционираше беспрекорно во првиот дел. Носени на крилата од Томовски и Андоновски охриѓани ги прикриваа слабостите во одбраната.

По минутата одмор на тренерот Горан Андоновски, “гладијаторите“ заиграа цврста одбрана што резултатираше со серија од 5-0. Таквата игра на охридските ракометарите на пауза ги одведе со позитива од четири погодоци (17-13). 

Белег во одличното прво полувреме на двете екипи остави гостинскиот ракометар Велјаноски, кој стартуваше над Трифуноски а битолската двојка без дилеми му го покажаа патот кон соблекувалните.

Во вториот дел ракометарите на Охрид продолжија онаму каде што застанаа во првиот.На голот за разбуди Пецаков и со серијата успешни интервенции ја крена целата сала на нозе.

Но, место да го дотолчат Работнички, охриѓани се опуштија и им дадоа сламка за спас, која гостите ја зграпчија со две раце. Анѓелковиќ и Стојаноски немилосрдно ја казнуваа секоја грешка и во 50-та минута стигнаа до негатива на еден погодок (27-26).

Тогаш, одновно проработе нападот, кој добро се справи со одбраната (5+1) на гостите. Мирната рака на Трифуноски, не затрепери во серијата удари од седум метри. Бабачев успеа да погоди со ракометар на плеќите,  а шлаг на тортата стави Поп Стефанија, кој ја закова топката по еден контра напад за конечне победа на Охрид.

Најпрецизен во охридскиот состав со десет погодоци беше Томовски. Крилата на Охрид, Андоновски и Трифуноски искомбинираа 15 голови,  Поп Стефанија постигна три, Бабачев два и Мирков еден. Најефикасен на натпреварот беше гостинскиот ракометар Анѓелковиќ со 13 голови.

Мх.П.