Деветнаесет доктори, меѓу кои и четворица од  Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ – Охрид, денес, добија решение за специјализација, односно субспецијализација во странство. Станува збор за доктори по општа медицина (или специјалисти) кои се во редовен работен однос во јавните здравствени установи во Република Македонија.

На прес-конференција пред доделувањето на специјализациите и субспецијализациите која се одржа во Владата, министерот за здравство Никола Тодоров рече дека овие специјализации се во рамки на најавените 70 специјализации во странство.

Докторите, истакна министерот, се упатуваат на специјализација во реномирани медицински центри во странство – еден доктор во Клинички центар Нирнберг – Германија, шест доктори во Клинички центар Љубљана, осум доктори во Клиничко-болнички центар Загреб, како и шест доктори во Медицински факултет во Белград.

– Станува збор за специјализации од повеќе различни области, меѓу кои: гинекологија и акушерство, клиничка педијатрија, офталмологија, дигестивна хирургија, урологија, кардиологија, гастроентерологија, анестезија, реанимација и интензивно лекување, радиодијагностика, трауматологија, ортопедија, а воедно и две субспецијализации во областа на кардиохирургијата, посочи Тодоров.

Најголем дел од докторите на кои им се доделени решенија за специјализација во странство, веќе од октомври заминуваат на специјализација во конкретната здравствена установа, односно медицински центар.
•