Четворица охриѓани се меѓу вкупно 14 физички лица, дел од криминалната група која, како што информираат од МВР, подолг период затајувала даноци и стимулирала незаконска трговија со железо и метални производи, односно поттикнувала на кражби на метал.

Криминалната група е откриена и разбиена во рамки на полициската акција Отпад, при што против 33- годишен охриѓанец,поднесена е кривична пријава за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночно затајување“ и „поттикнување“, а уште тројца охриѓани заработија пријави за кривично дело злосторничко здружување.

Криминалната група била формирана во 2010 година од страна на четворица од осомничените со формирање на правното лице, преку кое започнале со вршење на даночното затајување.Во текот на 2011 година, против дел од членовите на криминалната група веќе била поднесена кривична пријава за сторени кривични дела “даночно затајување“ и против нив е во тек судска постапка. Покрај поднесената пријава, членовите на групата продолжиле со вршење на истите кривични дела, но го смениле начинот на делување, односно основале повеќе правни лица каде што како основачи и управители во Ценралниот регистар на РМ запишале лица со низок материјален статус, а со истите фактички управувале организаторите на криминалната група. Овие правни лице биле користени за изготвување лажни фактури за плаќање на извршен “наводен“ откуп на отпадно железо со преметан ДДВ кои ги насочувале кон правните лица . Со лажните фактури се покривал откупот на отпадно железо кое го вршела криминалнта група “на црно“ за кое плаќањето се вршело во готовина надвор од платниот промет. Со плаќањето на лажните фактури на сметките на наведените правни лица се обезбедувал прилив на поголеми износи на парични средства кои се подигани како готовина и користени за набавка на нови количини на отпадни суровини од дивите собирачи надвор од платниот промет – “на црно“.

Во текот на 2012 година со одлука на Владата на РМ од мај 2012 година и со измени на Законот за управување со отпад во септември 2012 година извршено е ограничување на откупот на отпадни суровини од физички лица, најпрвин дека плаќањата мора да бидат извршени преку трансакциска сметка, а со измените на законот се ограничува максималниот износ на 30.000 денари на годишно ниво за физичко лице кое ќе предаде отпадни суровини во правни лица кои вршат откуп.

Седум члена на криминалната група се приведени и предадени на истражен судија при Основен суд Скопје 1, а по останатите се трага.

OhridNews