Клубот за подводни дејности „Охрид“ го организира 4-от Македонски нуркачки конгрес со меѓународно присуство денес и утре во Охрид, посветен на прерано починатиот нуркач од клубот Дејан Костојчиноски.

Конгресот прераснa во една традиција на годишни среќавања на сите нуркачи од Македонија, без разлика на кој клуб, на која асоцијација припаѓаат или самостојно нуркаат и го промовира македонското нуркање насекаде низ светот.

Досегашните три беа одлично примени кај нуркачите и имаше интересни теми и дискусии, одлични нуркања и дружења после нуркањата. Оваа година избрани се теми од различна проблематика, а ќе има и посебни презентации како нуркањето на Ахмед Габр и неговата изјава дадена за конгресот, презентација од подводниот дрон фифиш и други интересни теми. Секој нуркач имаше право да пријави своја презентација, интересно нуркање, проблеми во нуркањето, презентација на нова опрема, ребридери, презентации на нуркања во странство, длабински нуркања, нуркања на интересни локација низ морињата и океаните. На конгресот ке бидат поканети претставници на еколошки здруженија, капетанија, спортски федерации и сојузи, информира д-р Горан Балевски од Kлубот за подводни дејности „Охрид“.

И оваа година како и претходната свое излагање ќе имаат претседателот на Сојузот за подводни активности на Македонија, Периклија Бешка како и Никола Исаилоски. Како посебни гости со свои презентации се поканети нуркачките тимови од МВР и АРМ.

Конгресот има една единствена цел дружење, размена на искуства, унапредување на нуркачкиот спорт во Македонија и нормално зимско нуркање во Охридското Езеро. Терминот е намерно за крајот на декември пред Нова година и оваа година традиционално е поставување на елка на градското пристаниште со заедничко нуркање утре. Охрид и Охридското Езеро ќе живеат овие два дена за сите нуркачи од Македонија и регионот, додава д-р Балевски.

Конгресот ќе се одржи денес во големата сала на Општина Охрид со почеток во 12 часот, додека за утре е превидено заедничко нуркање на градското пристаниште во 10 часот.

OhridNews