Центар за култура „Григор Прличев“

2020-02-22 20:00 - 2020-02-22 21:30

Во сабота 22 февруари, комичното шоу “Импровокација” ќе го прослави четвртиот роденден.

Изведена на 25 февруари 2016 година од страна на актерите на Народниот Театар од Охрид: Стрезо Стаматовски, Никола Тодоровски и Филип Кипровски, потпомогнати од Филип Ангеличин – Жура, ваквата форма на театар за прв пат се воведува во нашата земја па дури и во регионот. Со доаѓањето на Никола Јосифоски во третата сезона, како музичар-импровокатор, тимот на “Импровокација“ се шири и го добива денешниот состав. Веќе четири години целта на „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е преку еден неформален и забавен начин да ја демистифицира магијата на создавање театарски игри (сцени) за да го доближи театарот што повеќе до пошироката публика. Театарската импровизација „ИМПРОВОКАЦИЈА“ е спонтана, забавна и смешна, но како сите други работи треба да се види и доживее за да се ужива во неа.

Во изминатите четири години ова уникатно шоу, кое секогаш е различно, е одиграно повеќе од педесет пати, а покрај охриѓани, шоуто се одиграло и пред жителите на Скопје, Ресен, Виница, Радовиш и Франкфурт.

Карти за роденденското издание на „Импровокација“ по цена од 200 денари можат да се купат во музичката продавница Зи Зи Топ, или резервираат на телефонскиот број 075 283 066.

Локација на шоуто e добро познатата “Керал сцена” при Народен Театар Охрид, а почетокот е закажан во 20:00 часот.

OhridNews