Четвртото издание на манифестацијата „Вкусете го Охрид локално“ ќе се одржи во сабота, 26 јули, на плоштадот Долна Порта со почеток во 19:00 часот во организација на Слоу Фуд „Лихнидос“ – Охрид.

Настанот ќе понуди незаборавно доживување под отворено небо, посветено на промоција на локални производи, традиционална гастрономија, занаетчиски вештини и културното наследство на Охридскиот регион, велат организаторите.

Посочуваат дека посетителите ќе имаат можност да уживаат во дегустација на локални специјалитети и вина, промоција на домашни производи и занаетчиски изработки, демонстрации на традиционални занаети, како и културно-уметничка програма со настапи на фолклорни ансамбли и наградна игра со локални производи.

Манифестацијата е поддржана од Општина Охрид и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и има за цел да ги зајакне локалната економија, автентичната гастрономија и женското претприемништво.

OhridNews