Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежната компанија Адора, која бележи силен подем во изминатата година, смета дека цената на становите во 2013 година ќе остане непроменета, односно дека нема да има намалување, особено за квалитетните станови на поелитни места,пренесува „Макфакс“.

„Лично сметам дека цените на становите ќе останат на исто ниво и нема да се намалат“, изјави Чифлиганец по отворањето на Саемот на недвижности realExpo во Скопје.

Според него нема основа за пад на цената на новоизградените станови, бидејќи, како што рече трошоците за изградба на квалитетен стан не се намалени.

Чифлиганец вели дека можност за намалување на цената на становите би можеле да имаат оние градежни компании, кои ќе се одлучат да намалат одредени трошоци при градењето, но предупреди дека тоа ќе се одрази врз квалитетот и безбедноста на становите.

Наспроти него, Горан Јовановски, оперативен директор на Адинг, смета дека преголемата понуда на сметка на малата побарувачка ќе доведе барем до минимален пад на цената на становите.

„Цената на становите очекуваме дека сигурно ќе падне оваа година. Побарувачката е намалена во секој случај, а понудата е зголемена и следствено на тоа ќе паднат цените на становите минимум за 10 отсто“, вели Јовановски.

Тој вели дека во последно време е зголемена конкуренцијата на градежни материјали на македонскиот пазар од компании од соседните држави.

Инаку на меѓународниот саем за недвижности RealExpo, компанијата „Адора Инженеринг“ настапува со интересна кампања, во која сите граѓани кои ќе купат стан на манифестацијата која трае од 5 до 9 март, ќе бидат наградени со патување во светската туристичка и градителска  атракција Дубаи.

Со ова вредно изненадување и специјалниот саемски попуст,  компанијата сака на сите купувачи кои го препознаваат врвниот квалитет во домувањето што таа го нуди, да им возврати за довербата. На овој начин  продолжува традицијата на наградни патувања во Дубаи со „Адора Инженеринг“, што започна на прославата на 10 годишниот јубилеј на компанијата, информираат од „Адора“.

„Адора Инженеринг“ на своите купувачи им нуди ретка можност да станат сопственици на нов висококвалитетен дом, за што компанијата во првите три години ги субвенционира во плаќањето на каматата од 3,2% на станбениот  кредит, во соработка со Стопанска банка. Со овие доста поволни услови на кредитирање, граѓаните можат да купат нов енергетски ефикасен стан, изграден со примена на најновите светски стандарди и технологии за заштеда на енергија и пари, во елитните станбено-деловни објекти на „Адора Инженеринг“ во Скопје-Центар-Под Водно, Скопје-општина Аеродром-Ново Лисиче, во Охрид-Билјанини Извори и Струмица-Парк.
   

OhridNews