Екипата на „Чист Охрид“ вчера по втор пат во две недели одржа акција на плажата Лабино, на која се приклучија и нови лица и волонтери, велат од иницијативата за почист град.

Посетителите кои во тој момент беа на плажата покажаа свесност и својот отпад уредно го спакуваа и оставија на соодветно место. Сепак со жалење би сакале да известиме дека затекнавме загрижувачка и алармантна состојба. Беа собрани 13 вреќи ѓубре и дополнителни предмети, меѓу кои еден целосно изгорен фрижидер, додека меѓу самото ѓубре имаше славини од чешми, боја за чевли, четки за тоалетна школка и многу други предмети на кои никако не им е местото на ова прекрасно место. – велат од „Чист Охрид“.

И „Чист Охрид“ апелираат до граѓаните да се однесуваат совесно, а до надлежните да бидат одговорни и ажурни во својата работа. „Да придонесеме заедно и да продолжиме да го чуваме нашето богатство.“ – порачуваат волонтерите од „Чист Охрид“.

OhridNews