Членовите на нформалното еко движење „Чист Охрид“  денеска организираа акција за расчистување на тревната површина зад гимназијата Св. Климент Охридски. Собрани биле седум вреќи најразличен отпад.

-Од фотографиите може да се види дека состојбата беше прилично загрижувачка и дека е потребно под итно да се работи на свеста на учениците и училиштето, но и на граѓаните, бидејќи најнечистите делови беа долж оградата па може да се претпостави дека минувачите придонеле кон хаосот кој го затекнавме на локацијата. Најголем дел од отпадот се состоеше од амбалажа од сокови, мали чоколади и слични производи. Исто така, како и на други локации, можеше да се види дека отпадот стои таму подолго време, па зеленилото го имаше најдено својот пат над него. – велат од „Чист Охрид“.

Од „Чист Охрид“ забележуваат дека на тој простор нема поставено ниту една корпа за отпадоци. Апелираат до надлежните да бидат поажурни во справувањето со проблемот со отпадот кој го има Охрид,  а градот и училиштата да преземат итни едукативни и практични мерки кои би делувале превентивно во иднина, создавајќи одговорни граѓани кои се свесни дека онаму каде што живеат нема простор и изговор за расфрлан отпад.

OhridNews