Членовите на планинско-друмскиот велосипедски клуб ЕкоДром го продолжуваат проектот ‘‘да ја запознаеме нашата околина‘‘. Викендов тие го посетија селото Лин во Албанија.


– Прекрасната местополжба на месното население им го нуди езерото од една страна и плодната земја која е насадена со жито од западната страна. Од јужната страна високо нагоре се издигаат варовнички стени, нешто слично како во Трпејца, на чиј врв е скоро откриената некропола. Според она што го видовме, мозаиците, крстилницата и бунарите, идентична е како кај нас на Плаошник. Бевме изненадени од автентичноста на градбите во стар стил. Таму како да застанало времето, раскажуваат за посетата членовите на клубот.


– Интересно е тоа што нашата претстава за тој полуостров е дека е еден рид, барем така го гледаме од далечина, велат Екодромци и додаваат: но, на наше  изненадување се работи за пет рида со различна надморска висина, кои имавме можност да ги извозиме по единечните патеки кои ги користи месното население за да стигне до нивите. По тие патеки пристигнавме на јужната страна од полуостровот, каде што веќе модернизацијата и новиот век го направиле своето. Новоизградени ресторани и хотели со долга и широка плажа, опремена со соблекувални, тоалети, детски парк, сламени настрешници за сенка во летниот период. Од таа страна сонцето зајде во уште 16:30. Полека започнавме со искачувањето на напорната нагорнина кон граничниот премин Ќафасан. После 3 часа педалање пристигнавме во Охрид, ги пренесуваат своите впечатоци од посетата на Лин членовите на клубот Екодром.

Ohridnews